Како вештачката интелигенција го менува онлајн купувањето и што значат овие промени за компаниите во регионот? Ова ќе биде едно од главните прашања на деветтата Регионална конференција за е-трговија, која на 3 ноември во Скопје ќе собере над 900 учесници од повеќе од 12 земји, најавуваат организаторите.
Конференцијата ја организира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), под мотото „From Wait to Go: E-commerce at AI Speed!“. Во Националната опера и балет се најавени повеќе од 30 домашни и меѓународни говорници, со поддршка од над 80 партнери.
Меѓу најавените говорници се експерти и претставници од Amazon, Google DeepMind, LinkedIn, Tesla и Visa, како и од Decathlon, Wolt, Ananas Ecommerce, Gjirafa и Iute.

Две сцени за трендови и практични решенија
Програмата ќе се одвива на две паралелни сцени, главна и практична. Темите ќе ги опфатат вештачката интелигенција и ВИ-агентите, иднината на онлајн купувањето, прекуграничната продажба, како и градењето брендови и лојалност кај купувачите преку примена на елементи од игрите.
Ќе се разговара и за спојувањата и преземањата на компании, влијанието на глобалните дигитални платформи и улогата на логистичките услуги на регионалните пазари.
Посебно внимание ќе добијат практичните начини на кои компаниите можат да ги применат новите технологии, да ја подобрат ефикасноста и да одговорат на промените во навиките на потрошувачите.
Нови анализи за е-трговијата на Западен Балкан
АЕТМ ќе ги претстави и своите нови годишни анализи за состојбите и предизвиците на регионалниот пазар.
Според најавата на организаторите, меѓу клучните прашања остануваат јазот меѓу користењето интернет и онлајн купувањето, недоволно развиените дигитални вештини и високата застапеност на готовинските плаќања.

Преку најновите податоци и споредбени анализи ќе се разгледуваат можностите за раст на е-трговијата и за дигитална трансформација на бизнисите во регионот.
Конференцијата ќе понуди и изложбен простор и зона за деловно поврзување, наменети за средби меѓу е-трговци, финансиски и технолошки компании, агенции и стартапи. Преку официјалната мобилна апликација, учесниците ќе можат однапред да закажуваат индивидуални состаноци и да ја следат програмата.
Настанот се реализира со поддршка на Visa како платинум партнер, КаСис како стратешки партнер, Iute Македонија како финтек партнер и А1 Македонија како дигитален партнер. Дајнерс и Ананас се златни партнери, а Комерцијална банка, Халкбанк, Сава Пензиско Друштво, НЛБ Банка и Wolt се сребрени партнери, заедно со други компании и соработници.
Целосната агенда и дополнителни информации се достапни на официјалната веб-страница на конференцијата.
