„Сакам книги“ донира 300 книги на украински јазик во Македонија

Книгите се наменети за библиотеки во Скопје, Делчево, Кавадарци и Штип и за здружението „Лесја Украинка“. Иницијативата им овозможува на украинските семејства што живеат во земјава полесен пристап до литература на мајчиниот јазик.

Издавачката куќа „Сакам книги“ донира 300 книги на украински јазик на библиотеки во четири македонски града и на Здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“. Донацијата е дел од проектот „Со љубов, од Европа“, поддржан преку програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Според соопштението на издавачката куќа, обезбедени се вкупно 500 книги на украински јазик. Покрај донираните примероци, уште 200 ќе бидат достапни за продажба во книжарниците на „Сакам книги“ во Скопје.

Иницијативата е насочена кон украинските граѓани што живеат во Македонија, особено кон децата и семејствата кои поради војната биле принудени да ги напуштат своите домови. Пристапот до книги на мајчиниот јазик треба да им помогне да ја зачуваат врската со својата култура и книжевно наследство.

„Со оваа донација сакаме да покажеме дека солидарноста може да биде многу конкретна, понекогаш во форма на книга на мајчиниот јазик. Нашата желба е украинските семејства што живеат во Македонија да имаат пристап до својата литература, а библиотеките да бидат места каде што секој читател ќе се чувствува добредојден“, порачуваат од „Сакам книги“.

За значењето на литературата и мајчиниот јазик ќе се разговара и на јавната дискусија „Може ли книгата да го промени светот?“, закажана за 2 ноември 2026 година, во 17 часот, во „Јуроп хаус Скопје“.

На дискусијата ќе учествуваат украинскиот конзул во Македонија Иван Примаченко, претседателот на здружението „Лесја Украинка“, Александар Орбанович, и преведувачката од украински на македонски јазик Вера Чорниј-Мешкова.


Разговорот ќе се осврне на улогата на книгите во зачувувањето на културниот идентитет, чувството на припадност и поврзаноста со домот. Публиката ќе може да се вклучи со свои прашања и размислувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс