Србија повторно пред гласање: нов претседател најдоцна до 27 декември

По оставката на Александар Вучиќ, претседателската функција привремено ја извршува Ана Брнабиќ. Изборите треба да бидат распишани најдоцна до 27 ноември.

Претседателски избори во Србија треба да се одржат најдоцна до 27 декември, по предвременото завршување на мандатот на Александар Вучиќ, кој поднесе оставка на 27 септември. До изборот на нов шеф на државата, функцијата ја извршува претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Новото гласање следува по парламентарните избори на кои победи Студентската листа. Паралелно со подготовките за конституирање на новиот парламент и формирање влада, Србија треба да ја спроведе и постапката за избор на претседател.

Претседателски избори во Србија: кои се роковите?

Кога претседателскиот мандат завршува предвреме, гласањето мора да се одржи најдоцна во рок од три месеци од престанувањето на функцијата.

Од распишувањето на изборите до изборниот ден мора да поминат најмалку 30, а најмногу 60 дена. За да се запази крајниот декемвриски рок, изборите треба да бидат распишани најдоцна до 27 ноември.

Тоа значи дека 27 декември е крајниот рок за одржување на гласањето, а не за негово распишување. Конкретниот изборен датум треба да биде утврден со одлуката за распишување. N1 info

Брнабиќ побара побрзо формирање на институциите

Ана Брнабиќ денеска во Белград го повика новото парламентарно мнозинство што побрзо да ги формира институциите и да ја преземе одговорноста за управувањето со државата.

„Оние што победија на изборите нека сега преземат одговорност, тоа е најмалку што го заслужи оваа држава“, изјави таа, според информацијата на „Рацин“, кој се повикува на агенцијата Бета.

Брнабиќ побара промените на функционерите да се спроведуваат низ законски постапки. Таа посочи и дека, со изборот на нов претседател на Собранието, привременото извршување на претседателската функција би можело да премине кај друг носител на таа должност.


Вучиќ ја напушти функцијата пред парламентарните избори, наведувајќи дека сака да учествува во кампањата како обичен граѓанин. Претстојните претседателски избори ќе бидат следното гласање во процесот на формирање на новите државни институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс