Зошто Мајкл Џексон носеше само една бела ракавица?

Белата ракавица на Мајкл Џексон не била само моден симбол. Според блиски луѓе, таа била поврзана со неговата борба со витилиго.

Белата ракавица на Мајкл Џексон стана еден од најпрепознатливите модни симболи во историјата на поп-музиката. Но, според луѓе блиски до него, таа не била само сценски детал, туку имала и лично значење поврзано со здравствена состојба што пејачот долго ја криеше од јавноста.

Џексон во текот на животот се бореше со витилиго, кожно заболување што предизвикува губење на пигментот и појава на светли дамки на кожата. Според сведоштва на негови блиски, првите промени се појавиле токму на раката, поради што почнал да бара начин да ги прикрие.

Решението станало свeткавата бела ракавица, која од 1983 година стана дел од неговиот сценски идентитет и еден од најпознатите модни детали во музичката поп-култура.

Додека медиумите со години шпекулираа за промената на неговиот изглед и бојата на кожата, актерката Сисили Тајсон подоцна откри дека ракавицата била создадена како начин да се сокријат првите знаци на витилиго.

Таа раскажала дека со Џексон имале ист моден дизајнер и дека еден ден дизајнерот ѝ рекол дека работи на ракавица за Мајкл.

„На Мајкл му се развиваше витилиго и прво му се појави на раката. Ракaвицата служеше како камуфлажа. Така настана“, изјавила Тајсон.

Иако подоцна ракавицата стана моден заштитен знак, за Џексон таа имала и многу попрактична функција – да му помогне да се справи со промените на кожата во време кога јавноста постојано го анализираше неговиот изглед.

Во познатото интервју со Опра Винфри во 90-тите години, Џексон отворено зборуваше за витилигото и за болката што му ја предизвикувале шпекулациите дека намерно ја менува бојата на кожата.

„Имам кожно нарушување што ја уништува пигментацијата на кожата. Тоа е нешто што не можам да го контролирам“, рече тој, додавајќи дека го повредуваат тврдењата дека не сака да биде тоа што е.

Белата ракавица затоа остана повеќе од моден детал. Таа стана симбол на една од најголемите музички ѕвезди на сите времиња, но и потсетник дека зад сценскиот сјај често стојат лични борби што публиката не ги гледа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс