Во организација на Ротари Клуб Скопје ИКС, во неделата во „Лабораториум“ успешно се одржа настанот „Made by Hands“, кој на едно место ги собра младите занаетчии, дизајнери, уметници и креативци од различни области, како и бројни посетители заинтересирани за локалното творештво, одржливото производство и развојот на младото претприемништво.

Во текот на шестчасовната програма, посетителите имаа можност непосредно да се сретнат со авторите зад производите, да ги слушнат нивните приказни, да се запознаат со процесот на изработка и да ги поддржат преку купување на нивните креации. Настанот создаде простор за поврзување меѓу креативците и јавноста, но и за промоција на локалните брендови кои сè повеќе добиваат препознатливост.
Меѓу изложувачите беше и брендот Mini Green, кој создава биоактивни терариуми – минијатурни живи екосистеми сместени во стакло. Посетителите можеа да ги разгледаат и рачно хекланите чанти на Chvor Bags, изработени од памучен текстил, како и креативните производи на Trafika, бренд кој преку дигитална илустрација внесува боја, хумор и современ визуелен израз во секојдневниот живот.

Своите дела ги претставија и Epoxy и Julija Barbun, кои преку комбинација на епоксидна смола, природни материјали и диви цвеќиња создаваат уникатен накит и декоративни предмети. Посебно внимание привлече и ИСКРА со своите еколошки свеќи изработени од соин восок, како и Niche Wood Art, чија работа е насочена кон создавање функционални и декоративни производи од дрво, обликувани со рачна обработка.


Настанот беше дополнително збогатен со учеството на Партизанска Штампа, независен колектив кој повеќе од десет години ја негува техниката на сито-печатот, како и брендот RED, кој преку реупотреба на материјали создава уникатни модни и практични производи, промовирајќи ја идејата за одржливост и одговорно производство.
Особен интерес кај посетителите предизвика изложбата „The Fly Flies with Diamonds“ на уметницата Марија Милошевска, која оваа година одбележува две децении творечка работа. Поставена во галерискиот простор на „Лабораториум“, изложбата преку внимателно обликувани инсталации, светлина и филигрански детали ги истражува темите на минливоста, трајноста и човечкото искуство.
Покрај изложбениот дел, програмата вклучуваше музика, храна и пијалоци, создавајќи атмосфера која потсетуваше на урбан фестивал и простор за дружење, размена на идеи и создавање нови контакти меѓу креативците, посетителите и потенцијалните соработници.
Организаторите оценуваат дека „Made by Hands“ уште еднаш покажал дека во Македонија постои богата и разновидна креативна сцена исполнета со талентирани луѓе кои создаваат производи со висока додадена вредност, препознатлив идентитет и оригинална приказна. Истовремено, настанот потврдил дека јавноста сè повеќе ги препознава и вреднува локалните производи, рачната изработка и одржливите модели на производство.