Жителите на преспанското село Љубојно извојуваа значајна победа во повеќемесечната борба против сечата во шумата над селото. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство официјално поведе постапка за измена на постојниот План за стопанисување со шумите во шумскостопанската единица „Пелистер – Брајчино“ (2024 – 2033).
Од Министерството со допис ги известуваат жителите дека ваквиот чекор следува по добиено стручно мислење од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ од Скопје, во кое се укажува на потреба од измени на планот, со посебен осврт на состојбата и на ризиците во атарот на село Љубојно.

Постапувајќи по ова мислење, Министерството се обрати до ЈП „Национални шуми“ со укажување да ја започне постапката за измена на планот, што претставува прв институционален чекор кон ревизија на предвидените активности за сеча во подрачјето.
„Ова е службена потврда дека нашите барања за промена на планот се прифатени. Ова е победа на Љубојно во одбрана на животната средина и екосистемот. Ова е доказ дека доколку стоиме заедно зад иста цел, можеме и да ја постигнеме. Исто така, сакаме да ги поздравиме сите храбри луѓе што учествуваа во протестите и кои испишаа историја“, порачaa жителите на Љубојно.
Тие лани четири месеци протестираа и бараа стопирање на голосекот поради страв од ерозија, одрони и поплави, последици што можат сериозно да го загрозат опстанокот на селото. Во декември минатата година ги ставија протестите во мирување, откако Министерството ги информираше дека е побарано експертско мислење за состојбите и за можните ризици во атарот на селото предизвикани од сечата.
Инаку, со планот за стопанисување со шумите во шумскостопанската единица „Пелистер – Брајчино“ (2024 – 2033) беше предвидено сечење на повеќе од 4.000 кубни метри дабова шума од два оддела, но откако беа исечени околу 1.500 кубни метри, жителите 128 дена останаа на барикадите и спречија понатамошна сеча.
Иако конечна одлука за целосно запирање на сечата сѐ уште не е донесена, започнатата постапка за промена на планот е клучен пресврт за жителите во неколкумесечниот конфликт меѓу нив и институциите.
Веста е преземена од Редакција https://lap.mk, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.