Жителите на Бутел наскоро ќе добијат директна автобуска врска со Аеродром. Автобуската линија 35 ќе биде продолжена до Радишани, а пробното сообраќање се очекува да започне во наредните денови. Информацијата ја соопшти градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, кој информира дека процедурата за продолжување на линијата е завршена.
Според него, постигнат е договор со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие за продолжување на трасата до Радишани. „Деновиве ќе го презентираме новиот возен ред, а за неколку дена ќе биде пуштена пробна линија која ќе сообраќа до последната станица на линијата 57 во Радишани“, соопшти Костовски.
Во првата фаза линијата ќе функционира пробно. Доколку се покаже дека има интерес и потреба кај граѓаните, се очекува продолжената траса да стане трајно решение. Со продолжувањето на линијата 35, жителите на Општина Бутел ќе добијат директна автобуска врска со Општина Аеродром, без потреба од преседнување.
Новиот возен ред треба да биде објавен деновиве, по што ќе започне и пробното сообраќање.