Либан станува прва земја на Блискиот Исток што ја укинува смртната казна

Преодот од мораториум кон целосна законска забрана го прави Либан пионер за човековите права во регионот.
Фото: Heretiq, CC BY-SA 2.5, via Wikimedia Commons

Либанскиот парламент денеска изгласа закон за целосно укинување на смртната казна, со што земјата стана прва во блискоисточниот регион што официјално го напушта овој вид казнување. Одлуката следува по повеќе од две децении неофицијален мораториум, а за поддршка на законските измени гласаше мнозинството пратеници. Според новите одредби, сите идни и актуелни смртни пресуди ќе бидат заменети со казна затвор со доживотно времетраење и задолжителен присилен труд.

Законските измени поминаа во парламентот со широка поддршка од повеќето пратенички групи. Единствен политички субјект што отворено гласаше против укинувањето на смртната казна беше пратеничкиот блок на Хезболах.

За да стапи на сила, законскиот текст треба да добие потврда од владата, која претходно веќе даде позитивно мислење, а потоа да биде потпишан и од претседателот Џозеф Аун.

Новиот закон предвидува замена на смртната казна со доживотен затвор и присилен труд, но во текстот сè уште не се децидно прецизирани сите механизми за практична примена.

Иако казната затвор со присилен труд формално постои во либанското законодавство, нејзиното спроведување со години е минимално. Длабоката финансиска криза во земјата и големата пренаселеност во затворите претставуваат дополнителен предизвик за државните ресурси и за казнено-поправните установи.

Последното егзекутирање на затвореник во Либан беше извршено во јануари 2004 година. Од тогаш, иако судовите продолжуваа да изрикуваат смртни пресуди, тие не се спроведуваа бидејќи за нивна егзекуција беше потребен заеднички декрет потпишан од претседателот, премиерот и министерот за правда, документ кој ниту еден состав не го потпиша во изминатите 22 години.

Според проценките на организациите за заштита на човековите права, во овој момент повеќе од 78 лица чекаат на извршување на смртната казна, чии пресуди сега ќе бидат преиначени во доживотен затвор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс