Разбиена криминална група во 15 европски земји, заработила 240 милиони евра од лажни лекови

Со стотици веб-страници, лажни лекари и злоупотребени фотографии од познати личности, групата мамела болни луѓе низ Европа и пошироко.

Властите од 15 земји, со поддршка на Евроџаст и Европол, разбија криминална група осомничена дека продавала лажни додатоци во исхраната и лекови како „терапии“ за сериозни и неизлечиви болести. Според Евроџаст, групата измамувала жртви низ Европа и пошироко, а преку незаконски активности остварила најмалку 240 милиони евра трансакции.

Координираната акција била спроведена на 12 мај, а биле извршени претреси на 113 локации во Бугарија, Грција, Унгарија, Полска, Романија и Молдавија. Собрани се докази, приведени се дел од главните осомничени, а запленети се и големи количини додатоци во исхраната што допрва ќе се анализираат. Во Полска биле замрзнати средства во вредност од 1,8 милиони евра.

Според истрагата, групата од 2019 година основала компании преку кои пласирала повеќе од 400 различни производи. За продажба користела стотици веб-страници и профили на социјални мрежи, често злоупотребувајќи имиња и фотографии на познати личности, како и лажни лекари, за да ги убеди луѓето дека производите се вистински медицински терапии.

Измамата функционирала преку онлајн формулари. Кога жртвите ќе оставеле податоци на некоја од страниците, ги контактирале оператори од кол-центри кои се претставувале како лекари или медицински специјалисти. Тие тврделе дека додатоците можат да лекуваат сериозни болести, иако, според Евроџаст, производите немале медицински ефект и содржеле слични состојки, без оглед на тоа за која болест биле рекламирани.

Во Романија биле блокирани 196 веб-страници користени за промоција и продажба на производите, а во Бугарија бил идентификуван централен магацин на групата со големи количини додатоци. Во операцијата учествувале Бугарија, Романија, Унгарија, Полска, Молдавија, Кипар, Чешка, Естонија, Грција, Италија, Латвија, Литванија, Словачка, Словенија и Шпанија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс