Во првите десет месеци од 2026 година, претпријатието има реализирано вкупно 1.285 заловувања, 1.084 ветеринарни третмани и 310 вдомувања. Во споредба со истиот период во 2025 година, тоа претставува зголемување од 52% кај заловувањата, 50% кај ветеринарните третмани и 8% кај вдомувањата. Изразено во бројки, оваа година се заловени 440 повеќе кучиња, третирани се 362 повеќе, а нов дом добиле 23 кучиња повеќе во однос на минатата година.
Особено значаен раст е забележан во периодот од април до октомври, кога се реализирани 1.014 заловувања и 852 ветеринарни третмани, наспроти 580 заловувања и 483 третмани во истиот период минатата година. Овие резултати укажуваат на значително зголемен интензитет на теренската работа и поголем опфат на бездомните кучиња на територијата на Град Скопје.
Една од поважните промени во работењето на ЈП „Лајка“ е повторното воведување на стратешко заловување по општини, со кое, покрај редовното постапување по пријави од граѓаните, се спроведуваат и однапред планирани теренски активности. Наместо интервенциите да се засноваат исклучиво на поединечни пријави, екипите систематски обработуваат цели подрачја, населба по населба и локација по локација, со цел поголем број бездомни кучиња да бидат опфатени со програмата за хуман третман.
Заловените бездомни кучиња поминуваат низ ветеринарен третман кој вклучува стерилизација или кастрација, вакцинација против беснило, тестирање за лајшманиоза, микрочипирање и третман против внатрешни и надворешни паразити, по што понатаму се постапува согласно предвидените процедури.
„И покрај зголемениот обем на работа, сакаме да посочиме дека долгорочното справување со проблемот на бездомните кучиња не зависи единствено од активностите на претпријатието, туку и од одговорноста на сопствениците на домашни миленици.Затоа упатуваме апел до сите сопственици да ги микрочипираат и регистрираат своите кучиња, согласно законските обврски. Микрочипирањето не е само законска обврска, туку и начин за сигурна идентификација на сопственикот, особено во ситуации кога кучето ќе се изгуби или ќе биде затекнато на јавна површина“ велат од ЈП „Лајка“.
Одговорното сопствеништво, спречувањето на неконтролираното размножување и ненапуштањето на милениците се неопходни за долгорочно намалување на бројот на бездомни кучиња.
Резултатите од 2026 година покажуваат значителен напредок во обемот на работењето на ЈП „Лајка“, но и ја нагласуваат потребата од континуирана работа, институционална соработка и поголема одговорност на сопствениците, со заедничка цел – похуман и поодржлив пристап кон проблемот со бездомните кучиња во Скопје.
