11 загинати и 48 повредени во две верижни несреќи на автопатот Тракија во Бугарија

Најмалку 11 лица го загубија животот, а над 40 се повредени при судир на десетици возила во близина на Сливен и Јамбол.

Единаесет загинати и 48 повредени е црниот биланс од двете тешки верижни сообраќајни несреќи што се случија утрово на автопатот Тракија во Бугарија. Несреќите предизвикаа целосен прекин на сообраќајот и вонредна мобилизација на спасувачките служби. Информацијата официјално ја соопшти бугарскиот премиер Румен Радев за време на заедничкиот брифинг во Варна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по што ги прекина сите предвидени протоколарни активности.

Поради големиот број настрадани со тешки телесни повреди, бугарските власти воведоа вонреден режим за итен транспорт. Сите расположливи сили на полицијата, пожарната и итната медицинска помош се насочени кон погодените делници.

Премиерот Радев нареди воениот транспортен авион „Спартан“ итно да се пребазира од Бургас на аеродромот Безмер кај Јамбол. Планот предвидува најкритичните пациенти од болниците во Сливен, Јамбол и Бургас со воздушен транспорт да бидат префрлени во специјализираните клиники во Софија.

Заедно со министерот за одбрана Димитар Стојанов, владиниот врв веднаш замина на терен за координација на медицинските и спасувачките екипи.

Верижниот судар на автопатот директно ја промени агендата на високата дипломатска посета во Бугарија. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упати сочувство до семејствата на загинатите и најави европска поддршка.

„Животот ни носи тешки искушенија. Присуството на претседателката на Европската комисија испраќа јасен знак дека не сме сами во оваа трагедија“, изјави Радев пред новинарите во Варна.


Автопатот Тракија е главната сообраќајна артерија што ги поврзува Софија и бугарското крајбрежје, но истовремено претставува клучен транзитен коридор за патници и превозници од Македонија кон Турција и Црното Море. Густата магла, неповолните услови и верижниот судир на десетици товарни и патнички возила ја блокираа делницата со часови. Ова повторно го отвора прашањето за безбедносните стандарди, контролата на брзината и сигнализацијата на најфреквентните балкански магистрали во услови на намалена видливост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс