Американскиот производител на чипови „Енвидија“ тврди дека потребата од вода за ладење на центри за податоци може речиси целосно да се отстрани со примена на нов систем за вештачка интелигенција. Додека локалните заедници во САД протестираат поради пресушување на ресурсите, независните аналитичари предупредуваат дека ваквото решение само го префрла товарот врз потрошувачката на електрична енергија, која веќе руши рекорди.
Дата центрите низ светот во 2025 година потрошија 222 милијарди литри вода само за одржување на работната температура на серверите, покажуваат податоците на консултантската куќа „Рајстад енерџи“. Проценките на компанијата предупредуваат дека без итни зафати, таа бројка до 2030 година ќе достигне 644 милијарди литри.
Компјутерските системи што ги движат интернетот и новите модели за вештачка интелигенција генерираат огромна топлина. За да не дојде до прекин на работата, операторите со години се потпираат на испарувачко ладење со големи количини свежа вода од локалните водоводи.
Во извештајот за системот DSX, американската компанија наведува дека технологијата овозможува течноста за ладење да циркулира директно низ серверите во затворен круг. Наместо испарување и постојано црпење свежа вода, течноста минува директно до чиповите чија работна температура редовно надминува 80 Целзиусови степени.
Индустријата со ова се обидува да одговори на сѐ погласните критики од локалните заедници, каде што изградбата на нови хангари со сервери се совпаѓа со рестрикции за вода за населението и земјоделството.
Преминот кон затворени системи за ладење не е бесплатно еколошко решение. Независниот истражувач Енди Масли посочува дека термодинамиката наметнува директна врска меѓу потрошувачката на вода и потребната електрична енергија за регулирање на топлината.
Кога системот не смее да испушта водена пареа во воздухот за да се олади, тој мора да користи компресори и механички вентилатори. Тие уреди трошат значително повеќе струја. Така, решавањето на еден локален комунален проблем отвора нов притисок врз електричните мрежи, кои во добар дел сѐ уште работат на фосилни горива.