Албин Курти повторно е избран за премиер на Косово, откако пратениците во косовското Собрание ја изгласаа новата влада. За составот на новата Влада гласаа 62 пратеници, осум беа против, а немаше воздржани. Поддршката дојде од пратениците на Движењето „Самоопределување“ и од претставниците на другите партии што ги претставуваат немнозинските заедници.
Против владата гласаа пратениците на Српската листа. На седницата не присуствуваа пратениците од Демократскиот сојуз на Косово, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово.
Изборот на новата влада, сепак, беше проследен и со политички спор околу раководството на Собранието. Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово најавија дека ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд поради процесот на избор на потпретседателите на парламентот.
Со новото гласање, Курти ја започнува својата четврта влада, во услови на продолжени политички тензии и поделби меѓу косовските партии.