Стотици демонстранти излегле на улиците на неколку населби во Хавана синоќа , блокирајќи ги патиштата со горење купишта ѓубре, удирање по садови и извикување слогани, поради прекини во електричната енергија и недостиг на гориво.
Присутните извикуваа слогани како: „Вклучете ги светлата“ и „Народот, обединет, никогаш нема да биде поразен“, објави Ројтерс.
Ројтерс објави дека протестите биле претежно мирни и претставуваат најголеми ноќни демонстрации во Хавана откако енергетската криза ја погоди земјата во јануари.
Кубанскиот министер за енергетика и рударство, Висенте де ла О, претходно во текот на денот изјави дека земјата останала без дизел и мазут и дека електричната мрежа е во „критична“ состојба.
– Апсолутно немаме гориво и апсолутно немаме дизел. Немаме никакви резерви – изјави ресорниот министер за државните медиуми.
Според него, бројот и времетраењето на прекините во снабдувањето со електрична енергија нагло се зголемија оваа и минатата недела низ Хавана, при што некои делови од градот се без електрична енергија помеѓу 20 и 22 часот на ден.
Властите наведуваат дека електроенергетскиот систем моментално работи исклучиво на домашна сурова нафта, природен гас и обновливи извори на енергија.
Енергетската криза дополнително го зголеми незадоволството на населението, кое веќе се соочува со недостиг на храна, гориво и лекови.
Во јануари, американскиот претседател Доналд Трамп воведе блокада врз Куба и се закани со царини за земјите што снабдуваат гориво со островската нација.