Два авиона со 28 патници од крузерот MV Hondius, на кој се прошири хантавирус, слетаа во Холандија, на аеродромот во Ајндховен. Меѓу нив има осум холандски државјани, додека останатите патници од различни националности ќе продолжат кон своите матични земји.
Холандската болница Radboudumc во Нијмеген, каде што се лекува еден заразен патник од крузерот, превентивно стави во шестнеделен карантин 12 членови на персоналот. Причината е тоа што со примероци од крв и урина се ракувало без примена на построгите протоколи. Болницата соопшти дека ризикот од инфекција е многу низок и дека грижата за пациентите продолжува непречено.
Крузерот MV Hondius во понеделникот исплови кон Холандија со 25 членови на екипажот, лекар и медицинска сестра. Сите патници се симнати од бродот, а се очекува тој да пристигне во Холандија до 17 мај.
Од почетокот на епидемијата починаа три лица, холандски пар и германски државјанин. Светската здравствена организација досега потврди седум случаи на андски сој на хантавирус поврзани со крузерот, а има и два сомнителни случаи.
Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, но андскиот сој во ретки случаи може да се пренесе и од човек на човек при близок контакт. Здравствените власти нагласуваат дека ризикот за пошироката јавност е низок, но патниците и контактите остануваат под строг надзор.