Вештачката интелигенција веќе не се гледа само како технолошка алатка, туку како фактор што директно ќе го преобликува глобалниот пазар на труд. Според анализа на OpenAI, која ја развива и платформата ChatGPT, значаен дел од работните места е изложен на автоматизација во следните години.
Според проценките, најизложени се професиите каде што доминираат дигитални, аналитички и административни задачи. Тоа вклучува финансии, право, инженерство, истражување, образование, продажба, како и дел од менаџерските и креативните професии.
Анализата покажува дека околу 18% од работните места имаат висок ризик од целосна автоматизација, додека дополнителни 24% би можеле да претрпат значително намалување на бројот на вработени.
Сепак, експертите нагласуваат дека технолошката можност за автоматизација не значи автоматски и укинување на работните места, туку нивна трансформација.
И добра страна: помалку работа, поголема продуктивност
Покрај предупредувањата, извештајот носи и пооптимистичен сценарио. Зголемената продуктивност благодарение на AI би можела да отвори простор за нови работни модели, меѓу кои и четиридневна работна недела со 32 работни часа, без намалување на платите.
Идејата е дека придобивките од автоматизацијата не треба да останат само кај компаниите, туку да се пренесат и кај работниците, преку повеќе слободно време, подобри бенефиции и повисоки придонеси за социјална заштита.
Експертите предупредуваат дека ваквите промени нема да се случат автоматски. Според професори и истражувачи од универзитети како Кембриџ, потребна е сериозна промена во пристапот на државите и компаниите кон организацијата на трудот.
Вештачката интелигенција истовремено носи ризик и можност: од една страна трансформација и потенцијално исчезнување на дел од професиите, а од друга страна – можност за поефикасна работа и подобар баланс меѓу работа и слободно време.