Крај на една голманска ера: Најстариот фудбалер на Мундијалот замина во пензија

Шкотскиот голман Крег Гордон, најстариот фудбалер на Светското првенство 2026, објави крај на професионалната кариера по речиси 25 години и 84 настапи за репрезентацијата.

Шкотскиот голман Крег Гордон, кој со 43 години беше највозрасниот фудбалер на Светското првенство 2026, официјално стави крај на својата богата професионална кариера. Со ова завршува речиси 25-годишна кариера, во која Гордон беше еден од најдобрите голмани што ги имала Шкотска во последните две децении.

Кариерата ја започна во Хартс од родниот Единбург, каде што дебитираше во 2001 година. Шест години подоцна направи трансфер во англискиот Сандерленд за девет милиони фунти – сума која во тоа време беше рекорд за голман во Велика Британија.

По седум сезони во Англија, во 2014 година се врати во Шкотска и шест години беше чувар на мрежата на Селтик, со кој освои бројни домашни титули. Кариерата ја заокружи со враќање во Хартс, клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори и каде што ги мина последните шест сезони. Во текот на кариерата запиша вкупно 682 настапи, а дресот на шкотската репрезентација го носеше на 84 натпревари.

На Светското првенство 2026 беше дел од составот на Шкотска како резервен голман зад Ангус Ган.

„Сакав мојата кариера никогаш да не заврши, но знаев дека еден ден мора да дојде и тој момент. Ги живеев моите соништа и затоа сум бескрајно благодарен“, изјави Гордон во своето проштално обраќање.

Со неговото повлекување, шкотскиот фудбал се збогува со еден од своите најискусни и најдолговечни репрезентативци, кој остави значаен белег и во клупскиот и во репрезентативниот фудбал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс