Косовската Агенција за храна и ветеринарство забрани увоз и нареди враќање на две пратки прехранбени производи од Македонија, со вкупна тежина од 12.268 килограми, поради претходно утврдени неправилности поврзани со безбедноста на храната и хигиената во производството, пренесува Радио Ким.
Станува збор за прехранбени кремови со растителни масти и производи од сирење, произведени од АД „Млекара Тетово“. Пратките биле наменети за компанијата „ВИЗИОНИ М.З.И.И.“ од Преоце, во близина на Грачаница, а биле запрени на граничниот премин Генерал Јанковиќ.
Според соопштението на косовската Агенција за храна и ветеринарство, одлуката за одбивање на увозот е донесена врз основа на забраната за увоз на производи од овој производител, воведена на 6 ноември.
Како причина за забраната се наведуваат повторени прекршувања на критериумите за безбедност на храната и проблеми со хигиената во производството.
„Оваа одлука е донесена по утврдување повторени прекршувања на критериумите за безбедност на храната и проблеми со хигиената во производството, вклучително и незадоволителни лабораториски резултати кои покажале присуство на бактеријата ешерихија коли (Escherichia coli) над дозволените граници во претходни пратки“, се наведува во соопштението на Агенцијата.
Првата пратка, со тежина од 7.368 килограми, ги содржела производите „Натура Делика́тес“, „Дабл Крим Мастерфуд“, „Екстра Делика́тес Аксион“ и „Кравјо сирење“.
Во втората пратка, тешка 4.900 килограми, се наоѓале производите „Натура Шарпланинска“ и „Крим Екстра Мастерфуд“. Од косовската Агенција за храна и ветеринарство нагласуваат дека ниту една од двете пратки не била пуштена во продажба на косовскиот пазар.
Важно е да се нагласи дека лабораториските резултати за присуство на ешерихија коли се однесуваат на претходни пратки, а не на двете пратки што сега се вратени.
