Српската полиција утрово уапсила 26 лица во голема акција против корупција и финансиски криминал, пренесуваат српските медиуми. Акцијата била спроведена на територијата на цела Србија, по налози на надлежните обвинителства.
Во акцијата учествувале припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија, Управата на криминалистичката полиција и Одделението за борба против корупцијата. Постапките се водат по налози на Вишите јавни обвинителства во Ниш, Краљево и Нови Сад, односно нивните специјални одделенија за сузбивање корупција.
Перење пари, даночни измами и злоупотреби
Според досегашните информации, уапсените се осомничени за повеќе кривични дела што се гонат по службена должност. Меѓу нив се перење пари, даночна измама поврзана со ДДВ, злоупотреба на службена положба, злоупотреба на положба на одговорно лице, измама во вршење стопанска дејност, проневера, прикривање и фалсификување исправи.
Надлежните институции засега не соопштија детали за идентитетот на осомничените, ниту за евентуалната финансиска штета. Според српските медиуми, акцијата е дел од пошироката кампања на властите за борба против корупцијата и финансискиот криминал.
Србија во изминатиот период спроведува повеќе акции насочени кон даночни измами, перење пари и злоупотреби во стопанството. Во април, српските власти соопштија за апсења во случај поврзан со лажни фактури, даночни измами и перење пари, во кој буџетот бил оштетен за повеќе од 620 милиони динари.