Работниците на јужнокорејскиот технолошки гигант Samsung Electronics го одобрија новиот договор за плати и бонуси, со што беше избегнат најавениот штрајк што можеше да предизвика сериозни проблеми во производството и глобалната испорака на чипови. За договорот гласале 74 проценти од повеќе од 62.000 членови на синдикатот што учествувале во гласањето.
Договорот опфаќа околу 78.000 вработени, главно во секторот за полупроводници, кој во моментов е најсилниот мотор на растот на Samsung. Според Reuters, дел од работниците во меморискиот чип-сектор може да добијат бонуси од околу 416.000 долари, благодарение на растечката побарувачка за чипови што се користат во дата-центри и системи за вештачка интелигенција.
AI бумот ја наполни касата, работниците побараа дел од добивката
Новиот договор предвидува просечно зголемување на платите од 6,2 проценти и посебен систем на бонуси за работниците во полупроводничкиот сектор. Според договорот, Samsung ќе издвојува 10,5 проценти од оперативната добивка на чип-дивизијата за специјални бонуси, кои ќе се исплаќаат главно во акции и ќе зависат од долгорочните профитни цели на компанијата.
Спорот траеше со месеци, а синдикатот тврдеше дека работниците на Samsung заостануваат зад вработените во конкурентскиот SK Hynix, кои претходно добиле значително повисоки бонуси. Притисокот дојде во момент кога Samsung бележи огромен раст поради глобалната трка за AI чипови, а акциите на компанијата по одобрувањето на договорот пораснаа за околу 6 проценти.
Сепак, договорот отвори и внатрешни поделби. Работниците во други сектори, како потрошувачка електроника и уреди, сметаат дека договорот премногу ги фаворизира вработените во производството на полупроводници. Дел од синдикалните структури веќе најавиле правни чекори за оспорување на примената на договорот.
Во исто време, Samsung планира ново вложување од околу 1,5 милијарди долари во Виетнам, каде што треба да изгради прв погон за тестирање полупроводници. Погонот, северно од Ханој, треба да почне со работа во ноември 2027 година и ќе биде насочен кон тестирање постари мемориски чипови, за кои и натаму има недостиг на пазарот.
За Samsung, договорот значи мир во фабриките во клучен момент за глобалната AI индустрија. За работниците, тоа е победа во битката за поголем дел од добивката. А за светскиот пазар на чипови, најважната вест е дека производството, барем засега, нема да запре.