Македонија влегува во нестабилен временски период во кој топлото време нема целосно да исчезне, но ќе биде придружено со попладневни пресврти. Според најавата на УХМР, утре времето ќе биде сончево и топло, со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Температурите ќе останат високи за крајот на мај. Минималните ќе се движат од 10 до 17 степени, а максималните од 29 до 34 степени. Во Скопје се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност, но попладне во делови од котлината ќе има услови за локално невреме. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 34 степени.
Топло претпладне, нестабилно попладне
Најризичен ден според најавата е четврток, кога на повеќе места ќе има нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите може да бидат поинтензивни, во форма на невреме со пообилен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер над 60 километри на час и услови за појава на град.
Од петок се очекува преодно стабилизирање на времето, но дотогаш граѓаните треба да бидат подготвени за брзи промени, особено во попладневните часови. Ова е типично време што наутро изгледа летно, а попладне може да донесе облаци, грмежи и краткотрајно невреме.
За метеопатите, ваквиот период може да биде особено непријатен. Наглите промени на температурата, ветерот, влажноста и атмосферскиот притисок често се поврзуваат со главоболки, замор, раздразливост и пад на концентрацијата. Затоа во следните денови чадорот, водата и малку повеќе внимателност нема да бидат вишок.