Стресот не ги брише сите сеќавања подеднакво, туку селективно ги запечатува оние што носат силен емотивен набој. Новото истражување на научниците од Универзитетот Јеил, објавено во списанието „Science Advances“, открива дека стресниот хормон кортизол активно ја менува комуникацијата меѓу мозочните мрежи за емоции и меморија. Наместо да предизвика општ пад на концентрацијата, кортизолот му помага на мозокот да препознае значајни моменти и трајно да ги впише во долгорочното памтење.
Тимот предводен од Елизабет Голдфарб, доцентка по психијатрија и психологија на Јеил, испитуваше како стресот директно влијае врз зачувувањето на информациите. Во експериментот учесниците примиле таблета со хидрокортизон или плацебо, по што набљудувале слики додека научниците ја следеле нивната мозочна активност со функционална магнетна резонанца (fMRI).
Истражувачите користеле двојно слеп метод, што значи дека ниту испитаниците ниту научниците за време на тестирањето не знаеле кој примил вистински хормон. Наместо да анализираат неколкуминутни просечни снимки, тимот разви нов пристап: ја мереше функционалната поврзаност во куси интервали од само пет секунди додека испитаниците реагирале на секоја поединечна слика.
Следниот ден учесниците поминале низ тест на меморијата. Податоците покажаа дека кортизолот значајно ја подобрил способноста за потсетување на емоционално интензивните содржини, додека неутралните детали не добиле таква предност.
Студијата утврди дека кортизолот дејствува истовремено на два различни фронта. Во мрежите задолжени за емоции, хормонот предизвикал постабилни и посилни шеми на активност, помагајќи му на мозокот појасно да ја регистрира тежината на настанот. Во мрежите за меморија, кортизолот поттикнал специјализација за складирање токму на тие емотивни информации.
„Одговорите на стрес се фундаментално адаптивни и можат да ви помогнат да формирате силни сеќавања, но тоа конкретно се однесува на искуства што ги доживувате како емоционално интензивни или значајни“, објаснува Голдфарб. Таа додава дека ова сознание може практично да се искористи и при учење под притисок, преку свесно поврзување на материјалот со возбудливи или лични елементи.
Во истражувањето учествуваа и професорите Раџита Синха и Тод Констабл од Медицинскиот факултет при Јеил, а проектот беше поддржан со грантови од американските Национални институти за здравје (NIH).
