Копчето на клима-уредот што сите го забораваат: Еве како да ја намалите сметката за струја летово

Повеќето луѓе прават огромна грешка кога го користат клима-уредот на тропските температури. Експертите откриваат како едноставно копче на далечинскиот управувач може да ви донесе соврешена свежина во домот и значително да ви ја намали сметката за струја.

Кога летните температури ќе ја надминат границата од 35 степени, клима-уредот станува главен сојузник во секое домаќинство. Сепак, повеќето луѓе несвесно ја прават истата грешка – веднаш ја поставуваат температурата на минимум, очекувајќи дека така побрзо ќе ја разладат просторијата. Експертите предупредуваат дека постои многу поефикасен и поекономичен начин за постигнување пријатна атмосфера, а решението се крие во една специфична функција која ја има на речиси секој далечински управувач, но ретко кој ја користи. Станува збор за опцијата означена како „Dry“ или претставена со симбол на капка вода, која наместо агресивно да го лади просторот, има задача да го извлече вишокот влага од воздухот, правејќи го домот пријатен дури и на повисока зададена температура.

Чувството на топлина и тежина всушност не зависи само од живата во термометарот, туку во огромна мера е поврзано со влажноста на воздухот во просторијата. Кога таа влажност е висока, потта од кожата испарува многу побавно, па човечкиот организам потешко се ослободува од вишокот топлина, што создава чувство на спарина и загушливост. Веднаш штом ќе се активира режимот за одвлажнување, воздухот станува полесен за дишење, а температурата од 25 степени одеднаш се чувствува многу посвежо отколку што би се чувствувале на 20 степени во влажна просторија. Покрај подобрата клима во домот, оваа функција е вистински мелем и за месечната сметка за електрична енергија. Во стандардниот режим на ладење, компресорот работи под полна пареа за да ја одржи ниската температура, додека при опцијата за одвлажнување тој работи со значително помало оптоварување и прави почести паузи, што директно ја намалува потрошувачката на струја.

Овој режим се покажува како спасоносен во текот на ноќта бидејќи спречува просторијата премногу да се излади, па нема ризик да се разбудите со чувство на студ или вкочанетост, а истовремено го одржува воздухот чист и лесен. Доволно е да ја вклучите оваа функција само еден час пред да престојувате подолго во одредена соба за веднаш да ја забележите разликата во квалитетот на амбиентот. Наместо макотрпно да го оптоварувате уредот на екстремно ниски температури, елиминирањето на влагата е наједноставниот начин да му помогнете на телото природно да се разлади, со што истовремено ќе си обезбедите максимален комфор и значително пониски трошоци за енергија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс