Отворен конкурсот за превод на македонски автори на странски јазици

Министерството за култура покрива до 300.000 денари по проект за преведувачки трошоци, а аплицирањето е отворено само за странски издавачи.

Министерството за култура и туризам распиша конкурс за финансирање превод и објавување дела од домашни автори на странски јазици за сезоната 2026/2027 година. Повикот е наменет исклучиво за странски издавачки куќи кои сакаат да издадат македонска книжевност надвор од земјава, а пријавувањето ќе трае во текот на целата година со два пресечни рока за одлучување.

Државната поддршка е строго наменета за хонорарите на преведувачите. Министерството утврди лимит со кој за еден проект се доделуваат најмногу до 300.000 денари.

Останатите издавачки трошоци странските издавачи ќе мора да ги покријат сами. Парите од буџетот не смеат да се користат за печатење на книгите, ниту пак за нивна дистрибуција и маркетинг промоција.

Странските куќи можат да конкурираат со широк распон на литературни форми. На листата се наоѓаат уметничка проза, поезија, есеистика, драмски текстови и литература за деца.

Дополнително, поддршка може да добијат и антологии или специјални книжевни избори наменети за странските читатели. Условот е јасен: право на аплицирање имаат само правни лица од странство чија регистрирана дејност е издавање книги.

Иако повикот е отворен преку целата година, стручната комисија нема да ги разгледува пријавите поединечно веднаш по пристигнувањето. Пријавите ќе се оценуваат во два фиксни рока: првиот пресек е во октомври 2026 година, а вториот во март 2027 година.

Целосната документација издавачите ја доставуваат по електронски пат, во PDF-формат, на официјалната адреса translation@kultura.gov.mk. Моделот за превод на домашни дела на странски јазици првично беше воспоставен во 2013 година, а од ресорното министерство наведуваат дека со новите прецизирани критериуми се воведува поодговорно и потранспарентно трошење на буџетските средства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс