Концертот на Young Dadi во Скопје доби нов датум и нова локација. Наместо првично планираниот термин во спортскиот центар „Јане Сандански“, настапот ќе се одржи на 30 декември во Т Арена, соопшти организаторот „Авалон продукција“. Настанот е замислен како целовечерно концертно шоу со бенд во живо, насловено „Young Dadi & Old F***ing Friends“, со кое ќе се заокружи домашната концертна понуда за 2026 година.
Young Dadi за првпат пред скопската публика ќе настапи придружуван од комплетен инструментален состав, најавуваат организаторите. Концертот носи концепт на визуелно и мултимедијално шоу во кое се вклучени неговите најпрепознатливи нумери: „Лидија“, „Сара“, „Син на мама“, „Bestie“ и „5 до 2“.
На сцената се најавени и соработници и музичари од домашната и регионалната сцена со кои трап артистот соработуваше изминатите години.
Преместувањето од СЦ „Јане Сандански“ во Т Арена наметнува и нови правила за публиката што веќе обезбедила билети преку продажната мрежа.
Оние што купиле билети за седење во претходната сала ќе добијат соодветни нови влезници за Т Арена директно на своите електронски адреси. За сопствениците на билети за партер и фан пит, старите карти остануваат целосно важечки за новиот термин на 30 декември. Организаторот посочува дека сите кои се спречени да присуствуваат на презакажаниот датум можат да побараат поврат на средствата преку официјалните контакт адреси на продажната мрежа.