Колони на граничните премини и до 10 часа: ЕЕС системот го закочи Евзони – што нè чека летово?

На Евзони викендов возилата чекаа да преминат и по неколку часа. Тоа беше само Прв мај. Летото носи 10 пати повеќе патници. Македонија бара одложување на системот, Грција до сега го суспендирала системот само за британските патници, а за Србија дала усно ветување. За Македонија одговорот доаѓа по 15 мај.

На 1 мај 2026 година, граничниот премин Богородица-Евзони го поминале 14.000 патници за само 24 часа. Само до 10 часот утринава, 3.000 македонски државјани биле регистрирани на излез. Чекањето за влез траело најмалку еден час. Причината е ЕЕС, новиот европски систем за влез и излез, кој на 10 април стапи на сила на сите надворешни граници на Шенген зоната.

Чекањето од неколку часа беше само за Прв мај, продолжен викенд и некомплетно лето. Туристичката комора предупредува дека ако системот не се одложи, летото ќе доноесе колони до 10 часа.

Богородица-Евзони, 1 мај 2026 и километарски колони

Продолжениот првомајски викенд повторно донесе засилен сообраќај на граничните премини, а најголем метеж е забележан на преминот Богородица-Евзони, каде се формираа долги колони возила за влез во Грција.

Најмалку се чекаше еден час за влез во Грција. Примената на новиот европски ЕЕС систем е причина за гужвите и токму поради тоа, дел од патниците од Македонија и Србија бараат негово одлагање или олеснување.

Во текот на викендот, граѓаните пријавувале различни искуства на социјалните мрежи. Еден граѓанин напишал: „Еве еден позитивен апдejт од Евзони од 30-ти април: Грците не не тераа да даваме отисоци, така да и покрај тоа што имаше 7-8 коли пред нас, многу брзо поминавме граница.” Тоа значи дека Грција на моменти ги суспендирала биометриските проверки за да го намали метежот, неформално и без официjална одлука.

Зголемено чекање е регистрирано и при враќање од грчка страна при влез во Македонија. Гужвата функционира во двете насоки.

Што сè се промени на 10 април

Со воведувањето на системот ЕЕС, пасошите повеќе не се печатираат. Наместо тоа, секое влегување и излегување се евидентира дигитално, со задолжително фотографирање и земање отпечатоци од прсти. Системот од април функционира на надворешните граници на ЕУ и ги опфаќа и граѓаните од регионот.

Разликата во однос на претходниот систем е суштинска. Претходно граничарот го гледа пасошот, удира печат и сето тоа трае 30 секунди. Сега има биометриски скенер, фотографија, отпечатоци, проверка на база на податоци, потврда. Неколку минути по патник. Помножете го тоа со 14.000 патници за 24 часа само на еден граничен премин.

Иако првично се сметаше дека регистрацијата ќе се прави еднократно, патниците ќе мора да ja поминуваат процедурата при секое преминување граница. Сепак, проценките покажуваат дека процесот трае околу една минута подолго од претходно. На хартија е една минута, во пракса, со 200 возила во колона тоа значи неколку часовно чекање.

Хаос на европско ниво: Милано, Брисел, Лисабон

Проблемот со Евзони не е регионален исклучок. Тоа е дел од системскиот неуспех на европско ниво.

На аеродромот Линате во Милано, требало да патуваат 156 патници на лет на Истjет за Манчестер. По колони со часовно чекање, само 34 патници се качиле на авионот, оставајќи 122 зад себе кои гледале како нивниот авион заминува без нив. Брисел пријавил колони до 3,5 часа и над 600 пропуштени летови во еден четиридневен период. Португалија го суспендирала ЕЕС на аеродромот Лисабон во декември 2025 поради масовни застои.

Според Советот за меѓународни аеродроми, времето за обработка се зголемило за 70 отсто на некои локации поради дополнителните чекори вклучени во собирањето на биометриски податоци.

Групата Airlines for Europe (A4E) побарала поголема флексибилност во имплементацијата и изjавила дека „единственото одржливо решение е Европската комисија да дозволи целосна или делумна суспензија на ЕЕС до краjот на летото, каде е потребно.”

„Очекувajте чекање од наjмалку 10 часа”

Со Прв маj зад нас, погледот е кон летото. И предупредувањата се сериозни. Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, предупреди дека воведувањето на ЕЕС системот на грчките гранични премини може да предизвика сериозни застои во текот на летната сезона, доколку не се одложи неговата имплементација и дека граѓаните би можеле да се соочат со екстремно долги задржувања на границата.

Бројката е до 10 часа чекање, не во исклучителни околности., туку во нормален летен шпиц, ако системот работи без олеснување.

Туризмот е клучен столб на грчката економиjа, а патниците од Македониjа и Србиjа сочинуваат значаен дел од посетителите на Егеjското Море. Потенцијалните километарски колони на границите не се само логистички проблем, туку и ризик за намалување на броjот на туристички посети. Затоа, очекувањата се дека во текот на летото 2026 година прагматизмот ќе преовладее над строгата бирократиjа, со цел да се зачува протокот на патници кон популарните летувалишта.

Flag of Greece Flying in Wind and Blue Sky. Summer background for travel and holidays. Greece Crete.

Србиjа добила ветување. Британците се ослободени. Македониjа чека

Грциjа наjверojатно нема официjално да го суспендира ЕЕС за граѓаните на Србиjа, но се очекува негова привремена суспензиjа во текот на летниот период со цел да се избегнат големи гужви. Александар Сеничиќ, директор на JУТА, изjавил дека Грциjа усно ветила дека во текот на летната туристичка сезона нема да има целосна имплементациjа на ЕЕС на границите за српските граѓани.

Грчките власти наjавиjа олеснување и за британските патници, коишто на граница ќе бидат ослободени од земање отпечатоци и фотографирање.

Туристичката комора при Сojузот на стопански комори на Македониjа (ССКМ) официjално упати барање до Министерството за туризам на Република Грциjа за привремено одложување на примената на новиот ЕЕС на граничните премини за македонските државjани во периодот од 1 jуни до 1 септември 2026 година.

Официjален одговор се очекува после 15 маj. Во зависност од одговорот на грчките власти можни се две сценарија. Ако се изземат Македонците од новиот европски систем ќе се избегнат долги чекања на граница во екот на туристичката сезона. Но ако одговорот е негативен, се очекуваат огромни гужви, километарски колони и повеќечасовно чекање на граничните премини, што значително ќе го отежне патувањето кон летувалиштата.

Практичен водич: како да се подготвите пред 15 маj

Апликациjа Travel to Europe: ЕУ jа воведе апликациjата Travel to Europe, достапна на Google Plaу и App Store, коjа им овозможува на патниците однапред да ги внесат своите податоци и да го скрати времето на гранична контрола. Сепак, останува задолжителна проверката на лице место, вклучително и отпечатоци. Симнете jа пред да тргнете.

Алтернативни гранични премини: Дел од патниците како алтернатива го избираат преминот Доjран, но и таму за време на празничниот викенд се очекуваат засилени гужви, особено ако повеќе возачи се пренасочат од Евзони.

Тајминг: Особено внимание се препорачува во петок наутро, кога се очекува истовремено зголемен броj возила од Србиjа, Македониjа и други земjи од регионот. Тргнете во четврток навечер или во сабота рано наутро.

Следете ги информациjата по 15 маj: Одговорот на македонското барање пристигнува по 15 маj. Тоа ќе определи дали купувате аранжман со или без ризик од часовно чекање на Евзони.

Системот работи. Проблемот е времето

Европската комисиjа не го повлекува системот. Откако фазната имплементациjа почнала во октомври 2025, 45 милиони гранични преминувања се регистрирани и над 24.000 луѓе биле одбиени за влез поради различни причини. Системот идентификувал и над 600 луѓе кои претставувале безбедносен ризик за Европа.

Проблемот е имплементациjата, брзината, инфраструктурата и обуката на персоналот коjа не ги следела амбициите на системот. Грчките власти ќе носат одлуки за примената на биометриските проверки на граничните премини во зависност од интензитетот на патничкиот сообраќаj, со цел да се избегнат застои и да се обезбеди почитување на европските правила.

Со поедноставен jазик: ако е премногу гужва, ги суспендираат проверките. Ако не е, ги применуваат. Системот работи флексибилно. Прашањето е дали Македонија ќе добие официjална гаранциjа за таа флексибилност или ќе чека на секоjа граница дали денешниот инспектор ќе одлучи да скенира или не.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни