Колку романи во 2023 година биле напишани со помош на ChatGPT?

Вештачката интелигенција, како и сите технологии, може да се искористи за добро, но и да се злоупотреби. Од ноември 2022 година, кога ChatGPT беше достапен на јавноста работите во областа на државната матура кај нас се сменија драстично.

Во разговор со оценувачи на државната матура откривме дека голем дел од есеите по англиски јазик биле напишани со помош на ChatGPT. Друг проблем е како воопшто матурантите дошле до оваа технологија кога некој ги чува, но за тоа друг пат.

Во контекстот на наградата за роман на годината 2023 од фондацијата „Славко Јаневски“, се поставува едно интересно прашање – колку романи се напишани со помош на ChatGPT?

Сега и деца можат да пишуваат есеи со совршен англиски.

Примената на ChatGPT создава проблеми на државната матура, алатките за проверување плагијати се дел од минатото зашто вештачката интелигенција не копира, туку рекомбинира, а апликациите за утврдување автентичност се несигурни.

Сепак, искусните прегледувачи можат да проценат кога авторот користел вештачка интелигенција, особено по употребата на одредени зборови кои не одговараат на нивото на знаење на ученикот нивелирано од неговите одговори.

Се разбира, има и есеи кои почнуваат со зборовите „As an AI language model…” и тие се лесни за елиминација, но поискусните можат веќе да направат есеи кои се непрепознатливи.

Проблемот настанува и кај децата кои имаат високо ниво на знаење и употреба на англискиот јазик (особено оние кои „по цел ден“ висат на YouTube, Reddit и сличните платформи). Есеите на таквите деца неправедно можат да бидат прогласени за плагијати и оценети слабо.

Но, тоа се времињата во кои што живееме – ништо веќе не е едноставно, вистината е лага, лагата вистина, а границата помеѓу реалноста и имагинарното веќе не е лесно препознатлива.

Нашите експерименти со ChatGPT со панграми на македонски јазикдизајн на Југоprompt за Midjourney и други, покажуваат како ChatGPT може да се користи за екстензија на креативноста.

ChatGPT во литературата и проблемот со оценувањето на истата

Бидејќи ChatGPT е трениран на јавно достапни податоци, во неговата база се делата на Шекспир и Артур Милер, Рембо и Волтер… да не набројуваме – на кој и да ви текне, апликацијата може да ви напише текст во нечиј стил.

Тоа создава реален проблем при оценувањето на уметничките дела. Никој не може да знае кој автор користел ChatGPT, а кој не, и единствено мерило за баждарење може да бидат претходните дела на авторот.

Но, авторите напредуваат, не се држат до еден стил цел живот, и што ако авторот е дебитант? Исто така, прашање е кој има време да ги земе сите овие фактори во анализата, да ги прочита претходните дела на авторите за да процени – и дали воопшто може да донесе објективна одлука?

Би било добро кога авторите би биле транспарентни и би го споделиле методот кој го користеле, како во случајот со „Охридски преданија од иднината“, Бранко Прља или збирката раскази на Магдалена Стојмановиќ Константинов каде што еден расказ е напишан целосно од АИ.

Останува прашањето, дали авторите кои ќе користат ChatGPT ќе го споделат тоа со јавноста, како дел од нивниот креативен процес, или ќе го чуваат тоа за себе.

Извор: Арно.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни