Кому им веруваат младите кога секојдневно се преплавени со информации на социјалните мрежи? Како препознаваат лажни вести, манипулативни содржини и фотографии или видеа создадени со вештачка интелигенција? Овие прашања денеска ќе ги отворат средношколци и пратеници на дебата во Собранието, посветена на информациските навики на младите и предизвиците со кои се соочуваат во дигиталниот простор.
Дебатата е насловена „Што гледаш, кому веруваш? – Младите, информациите и дезинформациските кампањи“, а ја организира Институтот за комуникациски студии (ИКС), во соработка со Собранието, преку Парламентарниот институт и Клубот за младински прашања и политики. Целта е да се воспостави директен дијалог меѓу средношколците и пратениците и да се слушнат искуствата, навиките и проблемите на младите во секојдневното користење на дигиталните медиуми.
Инфлуенсерите, алгоритмите и содржините создадени со вештачка интелигенција
Во фокусот на дискусијата ќе бидат влијанието на социјалните мрежи, креаторите на содржини и инфлуенсерите врз формирањето на ставовите кај младите, но и нивната способност да препознаат дезинформации, манипулативни пораки и содржини генерирани со вештачка интелигенција.
Посебно внимание ќе се посвети на прашањето дали младите располагаат со доволно знаење и алатки за критички да ги оценуваат информациите што ги добиваат онлајн. Во време кога вештачката интелигенција овозможува создавање сè пореалистични фотографии, видеа и текстови, разликувањето на автентичните од манипулираните содржини станува сè поголем предизвик.
На дебатата ќе се разговара и за тоа дали актуелните наставни програми ги следат новите информациски предизвици и какви промени во образованието се потребни за унапредување на медиумската писменост.
Средношколци од пет града ќе ги соочат своите искуства со институциите
Како основа за дискусијата ќе послужат домашни и регионални истражувања за медиумската писменост и информациските навики на младите, како и примери од практиките во формалното и неформалното образование.
На почетокот на настанот ќе се обратат претседателот на Собранието, Африм Гаши, и британската амбасадорка Маја Сивањанам. Во дебатата ќе учествуваат средношколци од седум училишта од Скопје, Прилеп, Валандово, Велес и Липково, заедно со пратеници и претставници на институциите и организациите вклучени во настанот.
Наместо младите да бидат само публика во разговорите за дезинформациите и дигиталната безбедност, оваа дебата треба да им овозможи директно да ги постават прашањата до оние што креираат политики. Бидејќи медиумската писменост не е само способност да се препознае лажна вест, туку и право на младите да знаат како се создаваат, шират и користат информациите што влијаат врз нивните ставови и одлуки.
Извор: МИА
