Клонирани портали ширеле проруска пропаганда во Македонија, АНБ отвори истрага

Безбедносните органи претресоа дом на македонски државјанин осомничен за ширење омраза, лажни вести и оддавање службена тајна.
Фото: mvr.gov.mk

Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО), отвори истрага против македонски државјанин поврзан со мрежа што дистрибуирала проруска пропаганда на домашната сцена. Институциите на 18 септември извршија претрес во неговиот дом во Скопје, под сомнение за предизвикување национална и верска омраза, ксенофобија преку компјутерски систем и оддавање службена тајна, при што се одземени предмети за дополнително вештачење.

Според официјалното соопштение на АНБ, пропагандната мрежа функционирала преку клонирани псевдо-портали со македонски интернет домен. Овие платформи фабрикувале лажни вести и преобликувале наративи за актуелни политички настани. Целта на ваквиот механизам била систематско поткопување на довербата во институциите и поттикнување етничка и национална нетрпеливост.

Мрежата е директно надоврзана на странски фактори и регионални политички структури кои работат во корист на руските интереси. Безбедносните служби посочуваат дека станува збор за синхронизиран апарат, чии активности се насочени кон кочење на македонските евроинтеграциски процеси.

Истражните дејствија се насочени кон лицето А.С. од Скопје. Како што објави „Слободен печат“, осомничениот бил во постапка за стекнување бугарско државјанство, а делот од истрагата за оддавање службена тајна (член 360 од Кривичниот законик) се однесува на безбедносни детали и припадници на обезбедувањето ангажирани при патување на сопругата на премиерот Христијан Мицкоски во Бугарија.

За истото лице ова не е прв судир со законот на ова поле. АНБ наведе дека акцијата претставува континуитет на претходно попречени хибридни операции, бидејќи против него веќе постоела кривична пријава за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку интернет.

Случајот ги опфаќа членовите 319, 360 и 394-г од Кривичниот законик. Од АНБ соопштија дека во координација со обвинителството ќе продолжат со пресекување на ваквите субверзивни канали.

Фокусот на безбедносниот апарат останува на откривање на домашните соработници кои логистички ги одржуваат псевдо-медиумите, додека материјалите запленети при претресот се наоѓаат на форензичко вештачење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс