Од оваа година, наградата за главна машка улога на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ќе го носи името на актерот Кирил Ристоски.
Одлуката е донесена како признание за неговиот исклучителен придонес кон македонскиот театар, актерската уметност, педагогијата и развојот на фестивалот „Војдан Чернодрински“.
Семејството на Ристоски јавно изрази благодарност до претседателката и уметничка директорка Ана Стојаноска и до членовите на Управниот одбор на фестивалот за оддадената почит кон неговото дело.
Кирил Ристоски е роден на 14 ноември 1948 година во Прилеп. Дипломирал на одделот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје. По дипломирањето, бил вработен во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а во 1978 година ја добил својата прва награда на фестивалот „Војдан Чернодрински“ за улогата во претставата „Манги пијат чај“. По ова остварување станал дел од Драмата на Македонскиот народен театар во Скопје.
Во следните години Ристоски играл носечки улоги на репертоарот на МНТ, соработувајќи со режисери како Бранко Ставрев, Љубиша Георгиевски, Слободан Унковски и Владимир Милчин.
Паралелно со актерската кариера, во 1982 година ја започнал и својата педагошка работа како асистент по актерска игра на Факултетот за драмски уметности. Подоцна станал доцент, редовен професор, член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а во 2009 година бил избран за декан на ФДУ.
Како декан, во тешки економски услови, придонел за развој на факултетот преку отворање мастер-студии во седум области од изведувачката и филмската сфера.
Во својата 27-годишна педагошка дејност, Ристоски образувал генерации актери кои денес се дел од репертоарите на театрите низ Македонија.
Неговото име е тесно поврзано и со фестивалот „Војдан Чернодрински“. Во 1997 година го реструктурирал фестивалот и десет години, од 1997 до 2006 година, го водел како негов претседател, воведувајќи нови програми и обезбедувајќи континуитет во период на културни и општествени промени.
Кирил Ристоски остварил повеќе од 80 улоги од домашната и светската драматургија, во речиси сите театри во Македонија. Меѓу неговите позначајни улоги се Актерот во „Мангите пијат чај“, Марк Антониј во „Јулиј Цезар“, Тартиф во „Тартиф“, Дон Кихот во „Дон Кихот“, Спиро Црне во „Спиро Црне“, Просперо во „Бура“, Иванов во „Иванов“, Арсениј во „Арсениј“, Полковникот во „Полковникот Птица“, Клавдиј во „Хамлет“ и многу други.
Снимил повеќе од 20 ТВ-драми, ТВ-филмови и серии, а имал улоги и во филмовите „Пред дождот“, „Црвениот коњ“, „Јазол“, „Тетовирање“, „Тајната книга“ и други. Снимил и повеќе од 200 радиодрами.
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои пет награди на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогите во „Манги пијат чај“, „Тартиф“, „Спиро Црне“, „Колобан“ и „Арсениј“. Во 1998 година, како претседател на фестивалот, одбил да му биде доделена наградата за главна машка улога за претставата „Полковникот Птица“.
За улогата во „Арсениј“ ја добил и наградата „Ристо Шишков“ во 1994 година. Бил прогласен за актер на годината од списанието „Екран“ во 1992 година, а добитник е и на државните награди „13 Ноември“ на Град Скопје и „3 Ноември“ за животно дело на Град Прилеп.
На МТФ „Војдан Чернодрински“ постхумно му е доделена и награда за животно дело.
Својата последна премиера, „Бесови“, ја одиграл на сцената на МНТ, доаѓајќи од болница на сцена, и покрај влошената здравствена состојба. Тоа останува како силно сведоштво за неговата посветеност и беспрекорен однос кон професијата.
Кирил Ристоски починал на 30 јуни 2011 година во Скопје