Украинските власти подготвуваат алтернативни начини за поврзување на двата брега на Киев во случај мостовите преку Днепар да бидат оштетени во руските напади. Планот вклучува понтонски премини и насипи, а на подолг рок се разгледува и можноста за изградба на тунел под реката.
Украинскиот министер за обнова, инфраструктура и транспорт, Микола Калашник, за украинскиот јавен сервис „Суспільне“ изјави дека изградбата на алтернативните премини треба да започне во текот на следната недела.
„Решенијата за итни случаи вклучуваат насипи и понтонски премини, кои можат брзо да се изградат. Таа работа веќе е започната“, рече Калашник.
Според него, по координативен состанок со украинското раководство е одлучено Министерството, Агенцијата за обнова, војската и градските власти заеднички да работат на обезбедување резервни транспортни врски.
Целта е, во случај на оштетување или затворање на постоечките мостови, да се овозможи непречено поврзување на левиот и десниот брег на Киев.
Целта е да се задржи што поголем дел од сообраќајот
Калашник вели дека изградбата на алтернативните премини би можела да трае до три месеци. Тие би требало да обезбедат најмалку половина од капацитетот на постоечките мостови.
Преку мостовите што ги поврзуваат двата брега, според податоците што ги изнесе министерот, дневно минуваат околу 600.000 возила. Затоа, како што вели, целта е со резервната инфраструктура да се задржи што е можно поголем дел од овој сообраќај.
Веќе се определуваат конкретни локации за изградба, а вакви решенија се разгледуваат и за други делови од Украина и за премини преку други реки.
Покрај понтонските конструкции и насипите, Министерството разгледува и монтажни бетонски конструкции. На подолг рок, една од опциите е и изградба на тунел под Днепар.
Таков проект, сепак, би бил значително поскап. Според Калашник, изградбата би можела да чини десетици милијарди гривни и би барала финансиска поддршка од меѓународни партнери.
Планот доаѓа по нападите врз мостовите во Киев
Подготовката на резервни премини следува по серијата напади врз мостовската инфраструктура во украинската престолнина.
На 1 октомври беше погоден Јужниот мост преку Днепар, при што беа оштетени делови од конструкцијата, коловозот, заштитните огради и бетонската бариера што ја штити трасата на метрото. Сообраќајот преку мостот беше прекинат.
Нападите продолжија и следниот ден, а на 3 октомври беше погоден и Северниот мост. При нападот беа оштетени коловозот и надземните тролејбуски водови, што дополнително го отежна сообраќајот.
Поради ограничувањата на некои од премините, властите воведоа нов режим на сообраќај, а граѓаните беа принудени да користат алтернативни правци.
Мостовите преку Днепар се клучна транспортна врска меѓу двата дела на Киев. Токму затоа украинските власти сега се обидуваат однапред да обезбедат „План Б“ – инфраструктура што би можела да го одржи градот функционален и доколку дел од постоечките премини повторно бидат ставени вон употреба.