Келнската катедрала од среда започна да наплаќа влезница од 12 евра за посетители, што предизвика реакции во јавноста.
Од катедралата објаснуваат дека трошоците за одржување и заштита на објектот се зголемени, па приходите од билетите ќе бидат наменети токму за таа цел.
Првите посетители купиле билети во среда наутро, објави германската агенција ДПА.
Бесплатен влез во одредени денови
Готската катедрала уште во март најави воведување такса за посета.
Влезот во катедралата, која е под заштита на УНЕСКО, ќе остане бесплатен во одредени денови од годината. Меѓу нив се периодот од Богојавление, 6 јануари, до следната недела, како и Денот на трудот и 3 октомври, кога Германија го одбележува Денот на обединувањето.
Верниците кои влегуваат во црквата преку северната порта ќе можат бесплатно да се молат во посебно одреден простор.
Од плаќање влезница се ослободени и децата под 13 години, како и лицата со тешка попреченост.
„Просторот за молитва со слободен пристап е важен дел од новиот концепт на посети. Келнската катедрала ќе остане место за богослужба отворено за луѓе кои сакаат да се молат и да се посветат на лично размислување“, нагласи Маркус Фридрих од катедралниот огранок.
Една од најпосетуваните знаменитости во Германија
Келнската катедрала се наоѓа во центарот на Келн, веднаш до реката Рајна и главната железничка станица.
Таа е една од најпознатите и најпосетувани знаменитости во Германија, со околу шест милиони посетители годишно.