Измени во Законот за основно образование ќе предвидат казна за родителите на деца што предизвикуваат насилство во училиште, а МВР најавува и проверки на постапувањето на приватните обезбедувања во училиштата.
Родителите на деца што се однесуваат насилно во училиште ќе може да бидат казнети со 250 евра. Истата казна ќе важи и за родители што одбиваат да соработуваат со училиштата и институциите при случаи на врсничко насилство. Ова го најави министерката за образование и наука Весна Јаневска, како дел од измените на Законот за основно образование, кои се подготвуваат по последните инциденти во училиштата.
Според Јаневска, предлогот се дооформува и треба да влезе во собраниска процедура.
„Останува казната од 250 евра за секое сторено насилно дело на детето да биде казнет родителот, но и тоа што е многу важно, и кога родителот ќе одбие да соработува со училиштето и другите институции“, изјави Јаневска.
Паралелно со законските измени, Министерството за внатрешни работи најавува дека ќе реагира доколку има информации за непостапување на приватните агенции за обезбедување во училиштата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека компаниите што добиваат лиценци за обезбедување поминуваат проверки, но дека МВР ќе постапи ако се утврди дека не ги исполниле обврските.
„Ако има такви ситуации, секако дека МВР по добиени информации ќе си ја преземе надлежноста согласно закон“, изјави Тошковски.
Од опозициската СДСМ, пак, побараа одговорност од министерката Јаневска и смена на директорите на училиштата кои, според нив, прикривале случаи на насилство.
Јованче Манасков, претседател на Комисијата за образование и наука на СДСМ, оцени дека инцидентите во училиштата повеќе не се изолирани случаи, туку сигнал дека системот за превенција потфрла.
„Секојдневно сме сведоци на булинг, физички пресметки, закани и инциденти во училиштата и ученичките домови. Нема ниту стратегија, ниту системска реакција“, рече Манасков.
Темата за врсничкото насилство повторно се отвори и по петицијата на актерката Весна Петрушевска, која побара институциите да воведат посилни механизми за заштита на децата од штетни влијанија на социјалните мрежи и интернет булинг.
Според достапните истражувања, секој десетти ученик пријавил дека бил жртва на малтретирање во училиште, а секој шести се соочил со сајбер-насилство. Годинава до Министерството за образование и наука биле пријавени 34 случаи на врсничко насилство.
Новите мерки ја отвораат пошироката дебата дали казните за родителите ќе помогнат во превенцијата или се потребни подлабоки системски решенија, како поголема психолошка поддршка, навремено пријавување, обучен кадар и подобра соработка меѓу училиштата, родителите и институциите.