Најмалку две лица загинаа, а едно се води како исчезнато по обилните дождови и поплавите што ја погодија Каталонија. Регионалните власти во Шпанија издадоа црвено предупредување поради опасноста од екстремни временски услови, а жителите беа повикани да останат во своите домови поради ризикот од нови поројни поплави.
Каталонскиот премиер Салвадор Иља во неделата потврди дека едно лице загинало во Тордерa, град северно од Барселона, откако се урнал ѕид. Уште една жртва е регистрирана во Монтoрнес дел Ваљес, додека спасувачките служби трагаат по исчезнато лице во Пинеда де Мар, околу 52 километри северно од Барселона.
Обилните поројни дождови предизвикаа поплавување на домовите и улиците, а на повеќе места водата ги зароби автомобилите. Особено тешка била состојбата во населбата Белвитже и во Корнеља, во близина на Барселона. Водата се насобрала и околу автопатите, создавајќи сериозни проблеми во сообраќајот и принудувајќи ги службите да интервенираат на повеќе локации.
Каталонските власти го активираа црвениот степен на предупредување и ги повикаа граѓаните да не излегуваат без потреба. Мерката беше воведена поради опасноста од исклучително силен временски систем кој метеоролозите го опишаа како можен „мини-ураган“, со дополнителни обилни врнежи што се очекуваа во регионот.
Директорката на регионалната метеоролошка служба Метеокат, Сараи Сарока, во саботата изјави дека центарот на необичниот временски систем се наоѓа над Средоземното Море и дека постои можност тој да се придвижи кон копното на Каталонија. Невремето веќе предизвика сериозни нарушувања во секојдневниот живот: дел од летовите на аеродромот во Барселона беа откажани или одложени, а поројните дождови го нарушија и локалниот железнички сообраќај.
Поради невремето продавниците беа затворени порано, беа откажани фудбалски натпревари, а одложена беше и изведбата на Вердиевата опера „Аида“ во барселонската опера „Лисеу“. Властите продолжуваат внимателно да ја следат состојбата, додека службите за итни случаи се ангажирани на теренот поради опасноста од нови поплави и дополнителни последици од невремето.