Канео меѓу најубавите градби во Европа

Црквата „Свети Јован Канео“ во Охрид се најде на 30. место во изборот на најубави градби од 40 европски земји, објавен од туристичкиот портал LoveEXPLORING.

Првото место му припадна на унгарскиот Парламент во Будимпешта.

Сместена на карпа над Охридското Езеро, Канео е македонскиот претставник во изборот што ги спојува средновековните замоци и историските палати со современата архитектура. Станува збор за уредничко рангирање според вкусот на авторите на порталот, a се однесува на 2026 година.

Зад унгарскиот Парламент се палатата Белведере во Виена и замокот Шијон на Женевското Езеро во Швајцарија. Првите пет ги заокружуваат опатијата Кајлмор во Ирска и фонтаната Треви во Рим, што покажува дека изборот опфаќа и знаменитости кои не се класични згради.

Од регионот, највисоко е рангирана кулата „Аваз Твист“ во Сараево, на седмото место. Диоклецијановата палата во Сплит е 19-та, Рилскиот манастир во Бугарија е 20-ти, а храмот „Свети Сава“ во Белград е на 26. место.

Русија, Белорусија и Украина не се вклучени во изборот, според објаснувањето на порталот, поради војната во Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс