По една деценија на чело на Обединетите нации, Антонио Гутереш ќе го заврши својот втор мандат како генерален секретар на 31 декември. Во трката за негов наследник во моментов се шест кандидати, секој со различно искуство и различна визија за иднината на организацијата.
Новиот генерален секретар ќе се соочи со сложена задача: Обединетите нации се под зголемен притисок поради прашања за нивната релевантност, влијание, финансиска стабилност и способност да одговорат на глобалните кризи.
Според самата организација, генералниот секретар на ОН е „подеднакво дипломат и застапник, државен службеник и извршен директор“. Тој раководи со клучни тела на системот на ОН и има важна улога во прашањата поврзани со меѓународниот мир и безбедност.
Како се избира генералниот секретар на ОН?
Победничкиот кандидат треба да биде избран од Генералното собрание на ОН, по препорака на Советот за безбедност.
Клучна улога во процесот имаат петте постојани членки на Советот за безбедност — Кина, Франција, Русија, Обединетото Кралство и САД. Тоа значи дека патот до функцијата е тесен и исполнет со политички предизвици.
На 23 јули кандидатите треба да учествуваат во дебата во салата на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Мишел Бачелет: првата жена претседател на Чиле сака да стане прва жена на чело на ОН
Мишел Бачелет беше првата жена претседател на Чиле, функција што ја извршуваше од 2006 до 2010 година и повторно од 2014 до 2018 година.
Сега таа се обидува да стане првата жена генерален секретар на ОН, откако неколку кандидатки беа поразени од Гутереш во изборниот процес во 2016 година.
„Ако бидам учтива, би рекла дека светот тогаш не беше подготвен за тоа. Дали е подготвен сега? Се надевам дека е“, изјави 74-годишната Бачелет претходно оваа година.
Таа смета дека изборот на жена на оваа функција би испратил важна порака и би донел надеж за многу луѓе.
Бачелет беше и висок комесар на ОН за човекови права од 2018 до 2022 година, што ѝ даде директно искуство со многу од клучните геополитички прашања со кои би се соочила и како генерален секретар.
Иако признава дека нема „магична формула“ за решавање на проблемите во Советот за безбедност, таа верува дека нејзиното искуство е значајна предност.
Рафаел Маријано Гроси: шефот на МААЕ во трка за врвот на ОН
Аргентинскиот дипломат Рафаел Маријано Гроси најголемиот дел од кариерата го помина во областа на нуклеарната и атомската енергија.
Неговиот професионален пат кулминираше во 2019 година, кога беше назначен за генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, МААЕ, автономна организација во рамки на системот на ОН.
Во време кога нуклеарната закана повторно е во фокусот на светската политика, Гроси смета дека неговото искуство е „јасна предност“.
„Мора да го разбирате светот во кој живеете“, изјави тој за швајцарскиот медиум „Женева солушнс“.
Гроси ја поддржува реформата на ОН позната како „ОН 80“, но не смета дека е потребно радикално редизајнирање на организацијата. Наместо тоа, предлага рационализација преку спојување агенции и намалување на преклопувањата во структурите, кои создаваат големи трошоци за земјите-членки.
Марија Фернанда Еспиноса: поетеса, дипломатка и експертка за клима
Родена во Шпанија, еквадорската политичарка Марија Фернанда Еспиноса има разновидна кариера. Таа беше министерка за надворешни работи на Еквадор, претседателка на Генералното собрание на ОН, но и поетеса, есеистка и експертка за одржлив развој и климатски промени.
Особено е позната по својата работа во Амазон, каде на почетокот на кариерата работела со домородните заедници.
Во интервју за британскиот весник „Обсервер“, Еспиноса призна дека ОН се соочуваат со сериозни буџетски проблеми.
„Најголемиот предизвик во моментов е финансискиот предизвик“, рече таа.
Еспиноса смета дека организацијата мора да „се реформира, трансформира или да згасне“. За да се постигнат такви промени, таа предлага поблиска соработка со регионалните организации и поголемо потпирање на Европа, не само финансиски, туку и како посредник меѓу држави со спротивставени интереси.
Ребека Гринспан: важна улога во преговорите за украинското жито
Ребека Гринспан беше потпретседателка на Костарика од 1994 до 1998 година, а денес е генерален секретар на Конференцијата на ОН за трговија и развој, УНКТАД.
Оваа институција ги застапува интересите на земјите во развој во трговските договори.
Гринспан беше меѓународно пофалена за својата улога во преговорите за продолжување на извозот на украинско жито по руската инвазија во 2022 година.
Таа смета дека Обединетите нации треба да покажат поголема храброст.
„Бирократиите по својата природа се многу претпазливи кон ризици и не дозволуваат лесно појава на добри идеи или преземање ризик“, изјави таа на настан на британскиот аналитички центар „Чатам Хаус“ во Лондон.
Гринспан се залага и за поширока застапеност во Советот за безбедност, особено за африканските и латиноамериканските земји.
Маки Сал: поранешен претседател на Сенегал со контроверзна политичка биографија
Маки Сал беше претседател на Сенегал од 2012 до 2024 година, а претходно и премиер на земјата.
За време на неговото претседателствување беа реализирани значајни инфраструктурни проекти. Но неговата популарност почна да опаѓа во 2021 година, за време на вториот мандат, по протестите против затворањето на опозицискиот лидер Усман Сонко.
Дополнителни критики предизвика и неговиот неуспешен обид да ги одложи претседателските избори во 2024 година, што доведе до нов бран смртоносни протести и го направи контроверзна личност во сопствената земја.
Актуелната влада на Сенегал првично не ја поддржа неговата кандидатура за функцијата во ОН, но минатиот месец ја смени позицијата и официјално застана зад него.
Каролин Родригес Биркет: кандидатка од Гвајана и претставничка на староседелските народи
Најновата кандидатка во трката е Каролин Родригес Биркет, која ја објави својата кандидатура во средината на јуни.
Таа е постојана претставничка на Гвајана во Обединетите нации и претходно извршувала повеќе функции и во ОН и во владата на Гвајана, вклучително и како министерка за надворешни работи.
Родригес Биркет им припаѓа на американските староседелски народи и има долгогодишно искуство во институции поврзани со нивните права и интереси.
Претседателот на Гвајана, Ирфан Али, неодамна ја претстави нејзината визија за иднината на ОН како насочена кон зајакнување на мултилатерализмот, подобрување на ефикасноста и способноста на организацијата да реагира, како и промовирање инклузивно глобално управување.