„Мислев дека е крај“: се огласи патникот кој летна низ прозорец на авион на Ryanair

Српскиот претприемач Љубиша Каровиќ тврди дека патници го држеле за да не испадне од авион на Ryanair по декомпресија на кабината. Инцидентот сè уште се истражува.

Српскиот претприемач Љубиша Каровиќ вели дека сè уште ја слуша експлозијата што го разбудила во авионот на Ryanair, непосредно пред декомпресијата на кабината речиси да го исфрли низ прозорецот.

Инцидентот се случил за време на утрински лет од Грција кон Германија, пишува The Guardian. Единаесет дена подоцна, Каровиќ го опишува настанот како почеток на „хаос и катастрофа“ поради кои не може да спие.

„Се сеќавам на експлозијата. Тоа е звукот што му претходи на хаосот, звук што го слушам секојпат кога ќе ги затворам очите“, изјави тој.

„Имав среќа што сум жив“

Каровиќ сè уште има болки, а на вратот носи ортопедска јака. На десната рака, под пазувата и на градите има изгореници и модринки, како последица од инцидентот. Околностите сè уште се истражуваат.

Тој бил пуштен од болница пред неколку дена и вели дека шокот бил огромен.

„Не се сеќавам на многу работи, главата и вратот сè уште ме болат, но жив сум. Можеби ме спаси појасот, тоа што бев врзан. А можеби беше судбина. Верувам во Бог и му благодарам секој ден“, изјави Каровиќ.

Неговиот грчки адвокат Василис Циарас вели дека Каровиќ бил „на самиот раб на смртта“.

Според адвокатот, по декомпресијата Каровиќ од градите нагоре бил исфрлен низ прозорецот и веднаш изгубил свест. Авионот летал на висина од околу 4.500 метри, со брзина поголема од 600 километри на час.

Патниците го држеле за да не испадне

Патниците на летот, меѓу кои и неговата сопруга Светлана, која седела три реда зад него, се сеќаваат на моментот кога пукнал прозорецот.

Во кабината паднале маските за кислород, предмети летале низ авионот, а патниците се обидувале да го задржат Каровиќ во леталото.

„И јас дотрчав. Никој од персоналот не помогна, само патниците“, тврди Светлана.

Таа вели дека еден патник се обидел да ја затвори дупката, прво со торба, која декомпресијата веднаш ја повлекла, а потоа со куфер, што успеало.

„Вечно сме му благодарни“, рече таа.

Се проценува дека Каровиќ висел од прозорецот меѓу минута и пол и две минути. Тој вели дека подоцна му било кажано дека двапати изгубил свест.

Обвинувања кон екипажот, Ryanair ги отфрла тврдењата

Адвокатот Циарас тврди дека екипажот не реагирал навремено и дека Каровиќ не добил помош во клучните моменти.

„Немаме забелешки за пилотот. Тој ги следеше безбедносните протоколи и одлично се снајде“, изјави адвокатот, мислејќи на итното спуштање што е задолжително во случај на декомпресија.

Сепак, тој тврди дека членовите на екипажот не му понудиле помош додека патниците се организирале сами.

Ryanair ги отфрла овие тврдења. Од компанијата наведуваат дека за време на декомпресија и итно спуштање сите патници и членови на екипажот мора да останат врзани и да носат маски за кислород.

„Штом авионот се спушти на безбедна висина, нашиот персонал му помогна на господинот Каровиќ, го премести на друго седиште покрај сопругата и договори лекар кој бил на летот да седи со нив до слетувањето. Обезбедена беше и медицинска помош веднаш по слетувањето во Солун“, соопшти Ryanair за The Guardian.

„Секогаш бидете врзани во авион“

Каровиќ е сопственик на фабрика за алуминиум во Србија и често патувал со авион. Сега, вели, самата помисла повторно да влезе во авион му предизвикува страв.

Лекарите најавуваат бавно закрепнување. Ортопедската јака ќе мора да ја носи најмалку шест недели, а потоа ќе се одлучува дали ќе биде потребна операција.

„Сликите ми се враќаат, звукот на експлозијата, хаосот… но сакам да закрепнам“, изјави тој.

Каровиќ смета дека треба да добие отштета, а не само електронски пораки со понуда за нова резервација на лет.

На прашањето дали има порака за другите патници, одговори:

„Секогаш бидете врзани во авион. Не сакам никој да го преживее она што ми се случи мене.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс