Невреме во Македонија: Три метеоролошки станици регистрираа урагански ветер

Според УХМР, на 21 јули во Штип беа измерени 134 километри на час, а во Скопје и Ново Село ветерот достигнаа 130 километри на час.

Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека на 21 јули 2026 година на три автоматски метеоролошки станици во државата е регистриран урагански ветер со брзина над 118 километри на час. Најсилен удар е забележан во Штип со 134 километри на час во 17:00 часот, додека во Скопје и во Ново Село, Струмица, се измерени удари од 130 километри на час.

Во Штип, на автоматската метеоролошка станица во 17:00 часот, бил регистриран максимален удар на ветер од 134 километри на час од правец запад-северозапад (WNW). Ова е највисоката измерена вредност во земјата за тој ден.

Во Скопската котлина, на станицата во Скопје, во 16:10 часот е забележан ветер со брзина од 130 километри на час од правец север-северозапад (NNW). Иста брзина од 130 километри на час е измерена и во Ново Село, Струмица, во 17:50 часот, со правец на движење северозапад (NW).

Според класификацијата за јачина на ветер, секој ветер со брзина над 118 километри на час се дефинира како оркан или ураган. УХМР нагласува дека вакви екстремно силни ветришта се случуваат многу ретко на оваа територија и предизвикуваат силни разорувања и значајни штети во пошироки размери.

Од вкупно 47 мерни места за ветер со кои располага УХМР, на 22 станици беа забележани брзини над 62 километри на час. На останатите мерни места ветерот останал под оваа граница.

Орканска олуја со брзина од 113 километри на час била измерена на станицата во Амзабегово, што ја сместува оваа локација во категоријата на ветери меѓу 102 и 117 километри на час.

Мониторингот на карактеристиките на ветерот се врши со специјализирани сензори и стандардни процедури преку Националната мрежа на автоматски метеоролошки станици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс