Калиопи слави 50 години на сцената: Во Скопје подготвува „ноќ на радоста“ и специјален гостин

За Калиопи, најголемата вредност е во траењето и во врската со публиката која со децении ги слуша нејзините песни

Калиопи ќе одбележи пет децении музичка кариера со голем концерт на 17 октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Пејачката најавува поинаков концертен концепт, репертоар од различни периоди од нејзината кариера и специјален гостин чие име засега останува тајна.

На средбата со новинарите, Калиопи се наврати на своите почетоци и на долгогодишната соработка со Ромео Грил.

„Мојот пат започна во 1976 година, на ‘Златно славејче’. Овој октомври, кога ќе се случи претстојниот концерт во арената ‘Борис Трајковски’, ќе одбележам 50 години. Поминале 50 години, а јас сè уште со мојот откачен Ромео Грил влегувам во студио и правиме музика која е безвременска, на која реагираат и најмлади и постари. Тоа е непроценливо богатство“, рече таа.

За Калиопи, најголемата вредност е во траењето и во врската со публиката која со децении ги слуша нејзините песни.

„Лесно е да се биде забележлив на блиц, но тешко е да се трае. Не толку за мене, колку за сите оние кои растеле и живееле со мене, а сè уште ќе живеат и тогаш кога мене ќе ме нема“, додаде пејачката.

Претстојниот настап следува по распродадениот концерт во „Борис Трајковски“ во 2024 година и четирите последователни распродадени концерти во Македонската филхармонија во 2025 година. Сепак, таа не сака новиот концерт да го оценува преку споредба со претходниот.

„Велат – овој концерт ќе биде подобар од претходниот. Не може да биде подобар, но може да биде поинаков. Ние се потрудивме да направиме поинаков концепт. Основата, мојот бенд, секако ќе биде таму. Јас си ги сакам луѓето од мојот бенд, тие се моето второ семејство“, рече Калиопи.

Публиката може да очекува балади, но и многу простор за танцување. Пејачката го опиша концертот како вечер на радост и заеднички спомени.

„Што се однесува до репертоарот, ова ќе биде журка. Ова ќе биде ноќ на радоста. Ова ќе биде ноќ кога ќе евоцираме спомени. Секако, нема да ве оставам без одредени балади. Но, многу ќе танцуваме и нема да ве оставам – ќе останете без здив“, порача таа.

На сцената ќе ѝ се придружи и специјален гостин, чие име ќе биде објавено десет дена пред концертот.

Паралелно со подготовките, Калиопи продолжува да создава нова музика. За неодамна објавената песна „Бебе“ рече дека е посветена на детското во секој човек и на потребата повторно да се разбудат радоста и емпатијата.

„Јас почнувам да се плашам од самата себе. Си велам: ‘До кога вака?’. Годините одат, а јас како да се враќам наназад. Песната ‘Бебе’, која излезе пред два дена, е токму посвета на сето она детско во нас, да го разбудиме и да излеземе од ова сивило, од оваа апатичност и овој недостаток на емпатија. Сите ние го можеме тоа, само треба да се потсетиме каде сме започнале“, изјави таа.

Веќе е подготвена и следната песна во соработка со Ромео Грил — рок-балада на српски јазик. Калиопи откри дека ја познаваше песната од претходно, но новиот текст и аранжман ја изненадија.

„Тој човек има икс-фактор кога станува збор за музиката. Тој ми направи таква песна… И можам да откријам дека ќе биде на српски јазик. Се работи за една многу моќна рок-балада. Секој што ја чу, занеме, како што занемев и јас“, раскажа пејачката.

За новата песна планира и видеоспот, кој ќе се снима во Загреб со млада екипа.

Фотографии: Надица Манева Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс