Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ денеска во Брисел разговараат за напредокот на Западен Балкан во европската интеграција, со фокус на реформите, безбедноста и справувањето со хибридните закани.
Во рамки на Советот за надворешни работи е предвиден и работен појадок со министрите од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека Брисел сака да разговара за тоа како земјите од регионот да продолжат со реформите и како да се зајакне соработката против хибридните влијанија.
Калас посочи дека ЕУ има искуства од соработката со Молдавија, а сега и со Ерменија, во справувањето со вакви закани, и дека земјите од Западен Балкан самите бараат слична поддршка бидејќи препознаваат напади врз демократските процеси. На маса ќе бидат и прашањата за безбедноста и одбраната, како и очекувањето регионот да се усогласува со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
На состанокот учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој порача дека Западен Балкан не смее да остане „сива зона“ на Европа и дека е потребен јасен и кредибилен пат кон членство. Тој нагласи и дека пристапниот процес треба да се ослободи од билатерализација на критериумите.