Како седењето по цел ден во климатизирана просторија влијае врз организмот?

Фото: rorozoa / Freepik

Во топлите летни денови животот без клима уред е речиси незамислив. Без разлика дали сме на работа, во автомобил или дома, сите сакаме што побрзо да ја разладиме просторијата, поради што многумина и температурата на клима уредите ја местат многу ниско, што може да предизвика низа здравствени проблеми.

Освен тоа, сервисирањето и дезинфекцијата на клима уредите е практика која многумина ја забораваат, па се појавува мувла и бактериите може да се акумулираат во клима уредите, кои потоа се шират низ просторијата.


Идеалната ситуација е кога разликата помеѓу надворешната и внатрешанта температура не е повеќе од седум степени, предупредува докторката Шпеле Тевжиќ за Н1 Словенија. Словенечкиот национален институт за јавно здравје советува дека не треба да се лади просторијата на пониска температура од онаа до која се грее во зима.

Честите промени на топли и ладни простории може да предизвикаат бројни здравствени проблеми. Проблемите со дишењето се влошуваат, особено кај луѓето кои патат од астма или алергии, а бидејќи клима уредите и го одвлажнуваат воздухот, употребата може да предизвика и сува кожа или иритации на очите.

„Ако подолго време поминувате во претерано ладни простории, некои луѓе може да развијат симптоми на грип, како замор и главоболка. Овие проблеми може да се влошат доколку клима уредите се насочени директно кон нив, а покрај тоа може да се појават и болки во вратот и грбот“ предупредува доктор Тевжиќ и додава дека редовното чистење и сервисирање на клима уредите обезбедува правилна и безбедна работа.

Фото: pressfoto / Freepik

Според неа редовното одржување не само што придонесува за подолг рок на траење на уредот, туку е важно и за здравјето нагласувајќи дека нередовното одржување на клима уредите доведува до размножување на микроби,  мувла и бактерии, кои може да предизвикаат инфекции и воспаленија кај луѓето.

Исто така луѓето кои живеат во простории каде што температурата и влажноста на воздухот се регулираат само со клима уред може да ги вложат хроничните болести, но и да имаат суви или воспалени очи, затнат нос, болки во грлото, главоболки и потешко да се концентрираат. Главен виновник за тоа се недоволната вентилација и микроорганизмите.

Луѓето при излегување од климатизирани згради тешко може да избегнат големи температурни разлики кои претставуваат голем стрес за нашиот организам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни