Оставањето на клима уредот да работи непрекинато на иста температура или негово постојано вклучување и исклучување се две крајности што непотребно ги зголемуваат сметките за струја. Експертите од областа на машинското и архитектуралното инженерство укажуваат дека најпаметниот режим на користење зависи од тоа колку долго е празен домот, каков е типот на уредот и каква е изолацијата на објектот. Наместо целосно исклучување при секое излегување, најголема заштеда се постигнува со благо прилагодување на термостатот.
Исклучувањето на клима уредот при кратки излегувања од домот не носи никаква заштеда на енергија. Елизабет Хјуит, професорка по урбано планирање на Универзитетот Стони Брук, објаснува дека ако излегувате до продавница или отсуствувате триесетина минути, нема причина да го гасите уредот, а потоа повторно да го оптоварувате компресорот при стартување.
Работите се менуваат кога домот е празен во текот на целиот работен ден. Доколку отсуствувате околу осум часа, намалувањето на интензитетот на ладење овозможува реална заштеда. Меѓутоа, тоа не значи дека климата треба рачно да се вклучува и исклучува на секој час, бидејќи таквите температурни осцилации не носат ништо позитивно на сметката за струја.
За домаќинствата е клучна разликата меѓу постарите конвенционални клима уреди и современите инвертер модели. Конвенционалната клима работи со максимална моќност додека да ја достигне зададената температура, по што целосно се исклучува компресорот, па повторно се пали кога просторот ќе се затопли.
За разлика од нив, инвертер компресорите ја менуваат брзината на работа. Според податоците на американската агенција ENERGY STAR, компресорите со променлива брзина постојано го прилагодуваат својот ефект за да поддржат константна температура. Откако ќе ја разлади собата, инвертерот продолжува да работи со минимален интензитет и ја надоместува само топлината што влегува однадвор. Овој режим овозможува постабилна температура и значително помала потрошувачка на струја.
Американското Министерство за енергетика наведува дека промената на поставената температура за 4 до 6 степени во период од осум часа дневно може да донесе заштеда до 10 отсто на годишните трошоци за ладење и греење. Патрик Фелан, професор по машинско инженерство на Државниот универзитет во Аризона, проценува дека секое подигнување на термостатот за 0,6 степени Целзиусови ја намалува потрошувачката на енергија за околу три отсто.
Практичната препорака гласи: ако додека сте дома ја држите климата на 24 или 25 степени, за време на повеќечасовно отсуство поставете ја на 27 или 28 степени.
Погрешно е верувањето дека климата вечерта ќе потроши повеќе струја за да го разлади загреаниот стан отколку што заштедила додека била исклучена. Колку е поголема разликата меѓу надворешната и внатрешната температура, толку побрзо топлината навлегува во просторот. Исто така, поставењето на термостатот на 16 степени нема побрзо да го разлади станот, туку само ќе го принуди уредот да работи предолго без потреба.
Влажноста на ваздухот диктира посебни правила. Клима уредите не ја намалуваат само температурата, туку и ја извлекуваат влагата од просторијата. Во многу влажни региони, целосното исклучување на климата може да предизвика кондензација и појава на мувла, па во такви услови подобра опција е само да се зголеми зададената температура.
Конструкцијата на објектот исто така има голема улога. Грегор Хенце, професор по архитектонско инженерство на Универзитетот Колорадо во Боулдер, истакнува дека објектите со масивни ѕидови од бетон или цигла подолго ја задржуваат поставената температура, додека добро изолираните станови лесно се одржуваат со мала моќност на климата. Во простории со лоша столарија или во поткровја, уредот ќе мора да работи поинтензивно.
Покрај правилното користење на термостатот, од суштинско значење е и редовното чистење на филтрите. Валкан филтер го намалува протокот на воздух и го принудува компресорот да работи подолго, со што се поништува секоја заштеда.