Вајмарската Република, оптоварена од поразот во Првата светска војна, Версајскиот договор и хиперинфлацијата од 1923 година, изгради длабока недоверба кај граѓаните. Крахот на Волстрит во 1929 година ја докрајчи економијата, до 1932 година околу шест милиони луѓе останаа без работа.
По падот на последната стабилна влада во 1930 година, започна период на управување преку вонредни декрети на претседателот Хинденбург. Парламентот се заобиколуваше, а Германија се навикнуваше да живее без него.
Во тој вакуум изби Нацистичката партија: од скромни 2,6% во 1928 година, во јули 1932 година освои 37,3% и стана најголема сила во Рајхстагот. Нацистите ветуваа спас за сите слоеви, додека нивните СА одреди секојдневно спроведуваа улично насилство. Гласот за Хитлер за многумина беше плод на гнев и очај, но му даде видлив демократски мандат на човекот кој сакаше да ја уништи демократијата.
Партиите повеќе се плашеа една од друга отколку од нацистите
Противниците на Хитлер немаа заедничка стратегија. Социјалдемократите (СПД) од страв од граѓанска војна избираа пасивна одбрана на институциите што се распаѓаа. Комунистите (КПД), следејќи ја Москва, ги нарекуваа СПД „социјалфашисти“ и веруваа дека падот на републиката ќе донесе комунистичка револуција. Заеднички фронт никогаш не беше создаден.
Истовремено, десницата посакуваше авторитарна држава. Сепак, подемот на Хитлер не беше неизбежен — во ноември 1932 година нацистите изгубија два милиона гласови и 34 места. Но, токму кога поддршката за Хитлер почна да опаѓа, старата германска елита реши да го внесе во власта.
Старата германска елита што му ја отвори вратата на Хитлер
По неуспехот на канцеларите Франц фон Папен и Курт фон Шлајхер да воспостават стабилност, Папен започна тајни преговори со Хитлер. Договорот беше едноставен: Хитлер да стане канцелар, Папен вицеканцелар, а конзервативците да ги задржат повеќето министерства.
Елитите веруваа дека можат да го „припитомат“ Хитлер и да ја искористат неговата масовна поддршка. На 30 јануари 1933 година Хинденбург го назначи Хитлер за канцелар во кабинет каде имаше само уште двајца нацисти. Веруваа дека го внеле Хитлер во системот, несвесни дека му го предале самиот систем.

Крупниот капитал мислеше дека во Хитлер пронашол корисен фанатик
Иако нацистите на почетокот се финансираа сами, стравот од комунизмот натера дел од крупниот капитал, како Фриц Тисен, Јалмар Шахт и банкарот Шредер – да му дадат финансиска поддршка и легитимитет на Хитлер. Во ноември 1932 година група индустријалци дури побараа од Хинденбург да го назначи Хитлер за канцелар.
На 20 февруари 1933 година, на средба со 25 водечки индустријалци (од „Круп“, „ИГ Фарбен“ итн.), Хитлер вети уништување на синдикатите и левицата. Бизнисмените обезбедија изборен фонд од три милиони рајхсмарки, верувајќи дека инвестираат во стабилност. Набргу станаа слуги на режимот што го финансираа.
Укинување на демократијата со закон
По пожарот во Рајхстагот на 27 февруари 1933 година, беа суспендирани основните граѓански слободи и започна масовен терор. И покрај тоа, на изборите на 5 март нацистите освоија 43,9% — повторно без самостојно мнозинство.
Сепак, на 23 март 1933 година, во атмосфера на закани и арести, Рајхстагот со поддршка на центристите и конзервативците го изгласа Законот за овластување (само СПД гласаше против). Овој закон ѝ овозможи на владата да носи закони без парламентот. До јули 1933 година сите други партии беа забранети, а Германија стана еднопартиска држава.
По ликвидацијата на СА во „Ноќта на долгите ножеви“ (1934) и смртта на Хинденбург на 2 август 1934 година, Хитлер ги спои функциите претседател и канцелар, а војската му се заколна на лична верност. Германската демократија не беше уништена само од оние што ја мразеа, туку и напуштена од оние што мислеа дека можат да го преживеат нејзиниот крај.