Лаустен: Како дете не сакав филм воопшто, но подоцна камерата стана мојот живот

На мастеркласот кој го модерираше Златко Гелевски, Лаустсен зборуваше за неговите почетоци во кинематографијата, како и за искуствата од снимањата на филмовите на кои работел.

Кога бев дете не сакав филм воопшто, но сè се промени кога на 14 годишна возраст го добив првиот фотоапарат, кажа денеска добитникот на „Златна камера 300“ за животно дел, пред присутните во Кино Манаки во Битола, на мастеркласот што го одржа во рамки на 47 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. На мастеркласот кој го модерираше Златко Гелевски, Лаустсен зборуваше за неговите почетоци во кинематографијата, како и за искуствата од снимањата на филмовите на кои работел.

„Јас не сакав филм воопшто кога бев дете. Одев во кино, освен тоа гледав комедии во локалниот театар секоја недела попладне. Доаѓам од нормално семејство, моите родители не се бавеле со правење филм, мајка ми беше наставничка, па затоа не знам од каде дојде љубовта кон камерата. На 14 години си купив апарат. Тогаш немаше Интернет. Не знаев ништо и постепено учев. Не се плашете од вашите грешки, и треба да правите многу грешки. Почнав да сликам со апаратот и кога имав 19 години сакав да аплицирам во Данскaта филмска школа. Сликав и секогаш се вљубував во сликите. Им ги пратив сликите и ме примија во училиштето без да ме тестираат“, рече Лаустсен.

Тој на присутните им порача дека низ животот ќе има ситуации кога некој ќе сака да ве предомисли.

„Но, мора да го слушате вашето срце, тоа е многу важно. Сè е борба кога правите филмови. На првиот игран филм работев кога имав 25 години. Бевме мала екипа, но нема ништо лошо во тоа да биде мала екипата. Ако го правите тоа што го сакате, секој ден ќе бидете сè подобри. Во почетоците и ние немавме пари, имавме многу малку сетапи“, додаде Лаустсен.

Зборувајќи за неговиот пристап во работата, тој кажа дека лицата изгледаат многу помоќно кога светлото доаѓа од едно место, од еден правец. Тоа е една од препознатливите карактеристики на неговиот пристап кон осветлувањето. Лаустсен често користи single-source lighting, односно светлото доаѓа од еден доминантен извор и од јасно определен правец, наместо лицето да биде рамномерно осветлено од повеќе страни. За Nightmare Alley Лаустсен објасни дека сакале осветлување со еден извор на светлина и многу директно светло.

За Frankenstein, пак, вели дека не користеле дополнително осветлување и дека сакале осветлување со еден извор и длабоки сенки. Oвој филм е снимен со камера ARRI ALEXA 65 во голем формат. Благодарение на големиот формат, Лаустсен можел да биде многу блиску до актерите со крупен кадар, без лицето да изгледа изобличено. Тоа му овозможило еден кадар да започне како многу широка снимка на цел сет, а камерата потоа да се движи кон крупен кадар на актерот, без промена на леќата.

Лауреатот на наградата Златна камера 300 е визуелен гениј на Холивуд. Лаустсен е дански кинематографер, познат по соработките со режисерите Чад Стахелски и Гиљермо дел Торо, за кои доби три номинации за наградата Оскар за најдобра кинематографија. Роден е во 1954 година во Алборг, Данска. Активен е од 1978 година и има работено на повеќе од 60 меѓународни продукции. Најпознат е по соработките со Гиљермо дел Торо – The Shape of Water, Nightmare Alley, Frankenstein, Crimson Peak, Mimic Чад Стахелски – John Wick: Chapter 2, John Wick: Chapter 3 – Parabellum и John Wick: Chapter 4.

е-Трн да боцка во твојот инбокс