Ако знаете како правилно да се ослободите од смрдливи бубачки, нема да мора да проветрувате дом со денови и да се справувате со непријатен мирис кој може да остане со недели. Најчестата грешка што луѓето ја прават е нивното згмечување или усисување без заштита, што доведува до испуштање на карактеристичниот непријатен мирис кој потоа се задржува во просторијата.
Смрдливите бубачки не се опасни и не касаат, но во студените и променливи периоди од годината често влегуваат во домовите барајќи топло засолниште, и тоа преку најмали отвори околу прозорци, вентилации или оштетени мрежи против комарци.
Зошто не треба да ги згмечувате
Кога се чувствуваат загрозени, овие инсекти испуштаат заштитна течност со силен мирис. Ако бидат згмечени, особено на ткаенини или ѕидови, мирисот може да остане со денови, а понекогаш и да остави траги. Еден од најпопуларните и наједноставни начини за нивно отстранување е користење на пластично шише, бел оцет, детергент за садови и топла вода.
Се сече горниот дел од пластично шише од 2 литри и се поставува како инка. Во долниот дел се става смеса од вода, оцет и детергент. Кога инсектот ќе се приближи, нежно се насочува во шишето – каде не може да излезе, бидејќи детергентот ја нарушува површинската напнатост на водата.
Овој метод е ефикасен бидејќи не ги вознемирува инсектите и не предизвикува испуштање на непријатниот мирис.
Како безбедно да ги усисате
Ако ги има во поголем број, усисувањето е побрзо решение, но мора да се направи правилно. На цевката од усисивачот се става најлонска кеса или чорапа, која ги задржува инсектите и спречува оштетување или мирис во уредот. По усисувањето, кесата веднаш се затвора и се фрла надвор од домот.
Станува збор за смрдливи стеници, најчесто видот Halyomorpha halys, потекнуваат од Источна Азија и во последните години се прошириле и во Европа. Тие се хранат со овошје и зеленчук и не претставуваат директна опасност за луѓето или мебелот, но нивното присуство е многу непријатно поради мирисот што го испуштаат.
Како да спречите да влегуваат во домот
Најважно е да се проверат мрежите на прозорците и да се затворат сите мали отвори околу цевки и рамки. Дури и најмала пукнатина може да биде доволна за нивен влез. Дополнително, се препорачува користење природни одвраќачи како нане, босилек или бел лук на прозорските даски, како и раствори со масло од нане за прскање околу рамките.
Исто така, се советува во вечерните часови да се избегнуваат топло-бели светилки, бидејќи тие ги привлекуваат инсектите повеќе од студената светлина.