Калас: Русија е во дефанзива, војната се врти во корист на Украина

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, порача дека Москва не покажува вистински интерес за мир и дека Европа нема да биде неутрален посредник, туку останува на страната на Украина.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека динамиката на војната се менува во корист на Украина, а Русија е во дефанзива на повеќе фронтови: воено, економски и дипломатски.

Калас ја даде изјавата по неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ на Кипар. Таа нагласи дека најновите руски напади врз Киев покажуваат дека Москва сè уште не покажува вистински интерес за мир.

Според Калас, Европската Унија работи на нов пакет санкции против Русија, а министрите се согласиле дека предуслов за мировни разговори мора да биде безусловен прекин на огнот. Таа порача дека Европа нема да настапува како неутрален посредник меѓу Русија и Украина, затоа што, како што рече, ЕУ е на страната на Украина и ги брани нејзините основни безбедносни интереси.

Калас додаде дека Русија мора да ги запре саботажите, кибер нападите, мешањето во избори и упадите во европскиот воздушен простор. Во ист контекст, таа посочи дека пошироките безбедносни прашања не се ограничени само на Украина, туку се однесуваат и на руското воено присуство во земји како Грузија и Молдавија.

Европските министри, според Reuters, разговарале и за тоа кој би можел да ја претставува Европа во можни идни разговори за Украина, но испратиле порака дека Русија нема да избира кој зборува во име на Европа.

Калас беше категорична и дека не може да има правно признавање на окупираната украинска територија. Според неа, премногу земји сè уште соработуваат со Русија, а истовремено уживаат привилегиран пристап до европскиот пазар и инвестиции, поради што ЕУ треба поефикасно да го користи своето влијание во трговијата, инвестициите и партнерствата.

Пораката од Кипар е јасна: Европа сака мир, но не мир по руски услови. За Брисел, прекинот на огнот е почеток, но не и замена за одговорност, безбедносни гаранции и украински суверенитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс