Недостигот од активни киносали, условите за редовно прикажување филмови и иднината на кинокултурата во Скопје беа во фокусот на панел-дискусијата „Културната инфраструктура пред Европската престолнина на културата 2028“, која вчера се одржа во „Лабораториум“.

Прашањето „Каде исчезнаа кината?“ беше појдовна точка за разговорот за состојбата со киноприкажувачката инфраструктура во Скопје, во град кој има активна филмска сцена, фестивали, автори и публика, но сè помалку места каде што филмот може континуирано да се гледа како културно искуство.
На дискусијата беше посочено дека ограничената достапност на киносали директно влијае врз можностите за прикажување на домашна, европска и независна кинематографија, но и врз развојот на филмската публика.
Особено значајно е прашањето за инфраструктурата во контекст на Скопје 2028 – Европската престолнина на културата. Градот во наредниот период треба да размислува не само за фестивалски и еднократни настани, туку и за тоа каква културна инфраструктура ќе остане и ќе функционира долгорочно.

Во тој контекст, панелот отвори прашања за тоа како Скопје може да создаде подобри услови за редовно прикажување филмови, развој на публика и одржлива кинокултура, но и каква треба да биде улогата на институциите, културните центри и независната сцена.
На дискусијата учествуваа Звонко Наумовски, шеф на операции во Фондацијата „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“; Билјана Лунга Филиповска, советник за меѓународна соработка, евиденција и стратешко планирање во Агенцијата за филм на Република Северна Македонија; Маргарита Арсова, уредничка на филмската програма во Младинскиот културен центар (МКЦ), и Дарко Набаков, извршен директор на „МакеДокс“.
Модераторка на разговорот беше Марина Костова, филмска критичарка и потпретседателка на светската организација на ФИПРЕССИ.
Дискусијата се одржа во рамки на програмата на 17. „МакеДокс“, кој годинава се одржува од 20 до 27 август на повеќе локации во Скопје.
Прашањето што останува по разговорот е едноставно, но суштинско: може ли Скопје да биде Европска престолнина на културата во 2028 година без да има доволно места каде што граѓаните редовно ќе можат да гледаат филмови?