Каде е домот? „Беше еднаш на Истокот“ на Бобан Пешов во МКЦ

Македонскиот стрип-автор Бобан Пешов, кој постигна значаен успех на италијанската сцена, ќе го промовира графичкиот роман „Беше еднаш на Истокот“ на 6 јуни во МКЦ, во рамки на фестивалот „Стрип Трип“.

Стрип-издавачот „Бункер“ на 6 јуни, во 14 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамки на фестивалот „Стрип Трип“, ќе го промовира новото издание од едицијата „Апсолутни почетници“ – графичкиот роман „Беше еднаш на Истокот“ од Бобан Пешов.

Пешов е македонски стрип-автор кој постигна значаен успех на италијанскиот пазар. Роден е во Македонија во 1988 година, а во 1996 година се преселува во Италија, каде што го завршува своето образование и ја гради авторската кариера. Соработува со познати имиња од италијанската уметничка сцена, а во 2025 година го објавува својот прв самостоен графички роман, за кој ги потпишува и сценариото и цртежот.

„Беше еднаш на Истокот“ брзо го привлече вниманието на читателите и критиката во Италија. Првиот тираж бил распродаден за само неколку месеци, а делото добило номинации за награди на некои од најзначајните италијански стрип-фестивали, меѓу кои „Gran Guinigi“ на фестивалот Лука Комикс и наградата „Palmarès“ на неаполскиот Комикон. Реномираните „il Post“ и „l’Indiscreto“ го вброиле меѓу најинтересните наслови за 2025 година.

Во романот, Пешов се враќа во деведесеттите години од минатиот век, во време кога една држава се распаѓа, се појавуваат нови граници, а транзициските херои почнуваат да ја обликуваат новата реалност. Во таа историска и интимна рамка, едно семејство од Македонија го бара својот пат кон подобра иднина.

Но „Беше еднаш на Истокот“ не е само приказна за заминување. Тоа е меѓугенерациско патување низ спомени, надежи, реалност, припадност и идентитет. Приказната се движи меѓу минатото и сегашноста, Истокот и Западот, Македонија и Италија, поставувајќи едно тивко, но суштинско прашање: каде е домот, навистина?

Македонскиот превод на делото е објавен како репрезентативно библиофилско издание во тврд повез. Преводот од италијански јазик е на Борјана Мојсовска, лектурата на Милена Стојановска, а подготовката за печат ја направија „Студио КРУГ“ и Горан Митровиќ. Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик е поддржано од Министерството за култура и туризам.

Промоцијата ќе се одржи во година кога „Бункер“ одбележува 15 години од отворањето на првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас. Авторот Бобан Пешов ќе биде присутен на промоцијата во рамки на годинешното издание на „Стрип Трип“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс