„Лајка“ заолови 101 куче во август, 19 вдомени

Јавното претпријатие залови повеќе бездомни животни отколку што пријавија скопјани, додека шест долгогодишни станари на стационарот конечно најдоа дом.
Фото: Лајка

ЈП Лајка во текот на август залови вкупно 101 бездомно куче на подрачјето на Град Скопје, соопшти претпријатието во својот месечен извештај. Теренските екипи спроведоа третман врз повеќе животни од вкупниот број на пријави од граѓаните, при што приоритет имаше масовната стерилизација. Во истиот период, нов дом добија 19 кучиња, меѓу кои и шест што со години чекаа вдомување во стационарот.

Скопјани во август испратија 86 пријави за бездомни животни, но теренските екипи на ЈП Лајка заловија 101 куче. Бројот на интервенирани животни го надмина бројот на директни барања од граѓаните, што овозможи поголем опфат на теренот.

Најмногу заловени и третирани кучиња имаше во Општина Ѓорче Петров, вкупно 20, каде претходно пристигнаа 14 пријави. Слична динамика забележаа и Кисела Вода и Гази Баба со по 15 третирани кучиња. Во Чаир беа заловени 14 животни наспроти пет пријави од жителите, додека во Бутел и Шуто Оризари тимовите третираа по десет кучиња. Во Аеродром и Центар беа опфатени по шест, а во Карпош пет кучиња.

Ветеринарниот сектор во август изврши вкупно 103 зафати за репродуктивна контрола. Од нив, 70 беа стерилизации на женски кучиња, а 33 кастрации на мажјаци. Од претпријатието посочуваат дека поголемиот број стерилизации на женки има најсилен ефект врз спречувањето на неконтролираното размножување на скопските улици.

Секое заловено куче помина ветеринарен преглед, соодветен третман, вакцинација против беснило и микрочипирање. По завршувањето на хуманиот третман, 66 кучиња се вратени на нивните матични локации.

Од вкупно 19 вдомувања реализирани минатиот месец, шест се однесуваат на животни кои со години живееја во стационарот. Кучињата Арон, Џин, Волтер, Чоко, Руди и Даре најдоа траен дом во првата половина на август.

Лајка воведе и партнерство со платформата Волт Македонија преку која граѓаните можат директно да донираат средства, а продолжува и потребата од привремени згрижувачи. За опрема и реквизити како ќебиња и садови за храна, поставени се донациски кутии во трговските центри Дајмонд, Ист гејт и Сити мол.

е-Трн да боцка во твојот инбокс