Основниот кривичен суд Скопје денеска го осуди Стојанче Јовановски на единствена казна затвор од 12 години за семејно насилство и наведување на самоубиство врз неговата сопруга Ивана Јовановска и нивната малолетна ќерка Катја, кои на 2 март годинава беа пронајдени мртви по пад од балкон во скопски Карпош.
Судијата Ивица Стефановски му одреди максимални казни за сите три кривични дела: пет години за телесни повреди сторени во рамки на семејно насилство, три години за загрозување на сигурноста и пет години за наведување и помагање во самоубиство. Согласно одредбите на Кривичниот законик за кривични дела во стек, единствената казна изнесува 12 години.
Јавната обвинителка Адела Бојчевиќ изрази задоволство со пресудата, но истовремено укажа на сериозен правен проблем – тоа што казнениот максимум за семејно насилство со телесна повреда и за семејно насилство со смртни последици е идентичен, односно пет години.
„Казнената политика можеби не е во корелација и не соодветствува на толку тешката последица, особено кај случаи на проширено самоубиство. Сметам дека тоа би требало да биде предмет на поширока анализа на правните експерти и изготвувачи на закони во насока на построга казнена политика”, изјави Бојчевиќ.
Правната застапничка на семејството на оштетените, адвокатката Неда Чаловска, ја оцени пресудата како соодветна и историски значајна – по прв пат во државата постои осудителна пресуда за наведување на самоубиство заради долготрајно семејно насилство.
„Ова е голем чекор кој треба да се следи. Во случаи на самоубиство, институциите треба да истражуваат дали тоа е резултат на семејно насилство”, порача Чаловска.
Судијата во образложението констатираше дека насилството врз Ивана започнало во 2023 година, откако Јовановски ја принудил да му го отстапи нејзиниот дел од семејниот стан. Следувале години на физичко и психичко малтретирање, кое во 2025 година добило уште поголем интензитет. По изрекувањето на пресудата, судот на предлог на обвинителството одлучи притворот за Јовановски да се продолжи до правосилноста на одлуката.